Владата денеска ќе одржи редовна седница на која ќе ги разгледа заклучоците од состанокот на Главниот координативен кризен штаб за спречување на ширењето на коронавирусот.
На предлог на Генералниот секретаријат на денешната седница ќе биде разгледана и Предлог – одлуката за утврдување на стратешките приоритети на Владата во 2022 година, кои се вградуваат во Годишната програма и Буџетот на Република Македонија.
На дневен ред за разгледување се и Нацрт – годишниот извештај за следење на спроведувањето на Акцискиот план за 2020 година за Програмата за реформа на управувањето со јавни финансии за периодот јануари – декември 2020 година, како и Нацрт-акцискиот план за спроведување на Програмата за реформа на управувањето со јавни финансии за 2021 година, предложени од Министерството за финансии.
Владата ќе го утврдува и текстот на Предлог-измените на Законот за урбанистичко планирање, а од страна на Агенцијата за млади и спорт ќе бидат презентирани информациите за проектот „Вложување во Младински центри, инфраструктурно и програмски“, за регистар на младински организации и за инклузивно вклучување на лица со попреченост во сите сегменти на спортот.
Седницата ќе се одржи преку видеоконференциска интернет врска, а по нејзиното завршување ќе биде испратено соопштение.
Во најавата денеска не е споменато, но според вчерашните информации денеска Владата на премиерот Зоран Заев треба да донесе одлука за разрешување на „пркосниот“ директор на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски.