Револтот кон новата Концепција за реформи во основното образование достигнува кулминација со најавата за укинување на печатените учебници и нивна замена со дигитални, за учениците од четврто до деветто оделение, се истакнува во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ, во врска со најавите на министерката за образование Мила Царовска, за укинување на хартиените учебници и преминување на настава со дигитални учебници за учениците.

-И покрај бројните реакции Мила Царовска упорно се труди да го одбрани неодбранливото, убедувајќи ја јавноста дека дигитализацијата на образованието е модерна и потребна, за што пак баш никој од јавноста не спори. Она што е спорно е зошто се укинуваат печатените учебници кога огромен број на ученици, според Министерката околу 25 000, а според други проценки околу 40 000, не можат да си дозволат дигитални учебници, затоа што немаат дигитални уреди или немаат струја и не можат во догледно време ни да ги имаат. Министерството ако беше подготвено, ќе им ги набавеше уредите во изминатат година ипол, а не сега да ветува дека допрва ќе ги набави, се вели во соопштението.

И покрај три полугодија со онлајн настава, се додава натаму во соопштението, претседателот на Средношколската унија изјавува дека огромен број од нив се дигитално неписмени.

-Зошто? Затоа што немаат дигитални уреди. Сепак вистината за инсистирање на дигитални учебници дојде од изјавата на поранешната заменик министерка, а сегашна директорка на Државниот испитен центар Елизабета Наумовска. Таа изјави дека дигиталните учебници се поевтини и дека во нив по потреба поевтино може да се прават коракции. Откако Царовска се пофали дека новите учебници треба да поминат бројни контроли и ревизии, прашуваме какви тоа корекции ќе треба да се прават и за чии потреби? Од изјавата на Елизабета Наумовска јасно се гледа дека станува збор за пари. Па нели буџетот на МОН има предвидено средства за новата концепција? На што ќе се трошат парите од земот во вредност од 21,5 милиони евра? Пред банкрот ли сме, па мора да штедиме на учебници и на учениците им нудиме фотокопии?- прашува ВМРО-ДПМНЕ.