Парите од државната каса наменети за капитални инвестиции завршуваат кај странските градежни компании. Податоците на Синдикатот на градежништвото покажуваат дека дури 96 отсто од средствата ги добиваат странци, а само четири отсто одат кај македонските градежни фирми. Синдикалците се зачудени како новите автопатишта ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел-Енка“ кога Уставниот суд го укина делот од Договорот меѓу оваа фирма и Владата во кој се предвидуваше работниците неделно да работат по 60 часа. Тоа е класичен пример како власта ги крши законите на државата, додаваат синдикалците.
„…За жал податоците велат дека речиси две милијарди евра ќе се дадат на странските компании, наспроти 80 милиони евра на домашни компании и работници“, рече Иван Пешевски, Синдикат на градежништво.
Градежниците ја обвинуваат власта дека води погрешна политика бидејќи на овој начин домашните компании ја губат битката со ликвидноста. Мора да отпуштаат вработени, да се затвораат градежни фирми, а поради ограничените ресурси не можат да зголемуваат платите на оние работници кои им остануваат. Поради тоа, сè повеќе градежници спасот го бараат на градилиштата низ Европската Унија.
„Ние како компании навистина сме запрепастени дека ниту една од новите јавните набавки кои ги финансира ЕБРД или Светска банка не ги задоволуваме условите, а во исто време во странство задоволуваме услови да настапиме сами“, рече Андреа Серафимовски групација на градежни компании.
Од групацијата бараат итна средба со премиерот, во спротивно најавуваат масовни протести пред Владата. Лани бројот на вработени во градежниот сектор во Македонија се намали за повеќе од 12 илјади лица. Недоволната активност во делот на изградба на патишта придонесе работниците да добиваат плата во просек од 29 илјади денари што е за пет илјади помалку од просечната плата во Македонија.