Словенечкиот премиер Јанез Јанша најави дека веќе следната недела, односно од вторник, ќе почнат со постепено укинување на ограничувањата воведени со цел да се спречи ширењето на коронавирусот.
Како што јави дописникот на МИА од Љубљана, словенечката Влада, меѓудругото, подготвува план за постепено активирање на некои производствени, услужни и транспортни капацитети.
– Ја разгледуваме можноста за отворање на оние претпријатија кои можат да обезбедат работа, следејќи ги препораките за ограничувањето на раздалеченоста на луѓето, како и дезинфекција на рацете и носење заштитни маски, изјави Јанша.
Премиерот кажа дека има план и за намалување на ограничувањето на движењето на луѓето.
Партиите од опозицијата веќе официјално побараа од владата да почне со враќање на државата во нормална состојба и планско укинувања на ограничувањата донесени за спречување на неконтролираното ширење на коронавирусот.