Премиерот Димитар Ковачевски денеска во Владата го пречека германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер.
Според владиното соопштение, тие на средбата изразиле „заемно задоволство од одличните билатерални односи помеѓу двете земји“, кои следната година одбележуваат јубилејни 30 години, како и од силната поддршка која Македонија ја добива од Германија за евроатлантската интеграција.
– Претседателот Штајнмајер изјави дека Германија сака да ја види С. Македонија што е можно поскоро во Европската Унија. Детерминираноста за спроведување на реформите е клучна за да се зачува демократијата и европските вредности. На средбата заеднички беше констатирано дека целата поддршка и напори кои ги вложуваат двете земји, вклучително и претстојните уставни измени, се во насока на обезбедување европска иднина на граѓаните, соопшти Владата.
Во рамки на посетата на претседателот Штајнмајер, во Владата се одржа и билатерална средба на двете делегации. Од страна на владината делегација присуствуваа и првиот вицепремиер Артан Груби, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и министерот за економија Крешник Бектеши.