По објавување на информацијата во медиумите за изборот на Лиле Делиџакова, сестрата на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева за заменичка на Комисијата за хартии од вредност, премиерот Зоран Заев денеска изјави дека отпосле дознал дека е сестра на Јанева.
– Секој граѓанин може да конкурира и треба да има еднакви права по Устав и по закон. Како да ѝ кажете на сестрата на Јанева дека нема право да конкурира ако ги исполнува условите, рече Заев по завршувањето на денешното судско рочиш за „Поткуп“.
Кога се кандидира некој за јавни позиции, како што рече Заев, тогаш нема скриено CV, податоците на сите кандидати ќе ви бидат доставени.
– Ние само предлагаме. Собранието е тоа што ги носи одлуките. Секој граѓанин може да конкурира, рече Заев.
Владата во документ што е испратен во Собранието на Република Македонија на 2 мај годинава бара Парламентот да избере претседател и заменик на Комисијата за хартии од вредност кои ќе бидат професионално ангажирани.
Инаку, Лилјана Делиџакова, сестрата на Катица Јанева и заменик директорка на Комисијата за хартии од вредност, лани од Агенцијата за вработување добила пари од програмата за самовработување за фризерски салон.
На списокот на селектирани кандидати за самовработување Делиџакова е прва од избраните кандидати од Гевгелија.