Македонија очекува во октомври да ги почне преговорите со ЕУ, истакнаа на брифинг со новинарите вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, и главниот технички преговарач Бојан Маричиќ.
– Владата за таа цел ја утврди преговарачката структура, а се разгледува и начинот на вклучување на опозицијата и невладиниот сектор во овој најобемен процес за пристапување во ЕУ. Носител на преговорите ќе биде администрацијата, а Секретаријатот за европски прашања се трансформира во Секретаријат за преговори со Европската Унија. Земјава активно работи со сите земји-членки, вклучително и со оние кои изразија скептицизам за натамошно проширување, со цел во октомври да се добие одлука за почеток на преговори, рекоа денеска на брифинг со новинарите Османи и Маричиќ.
Во однос на скептицизмот на одредени земји-членки за проширувањето, поконкретно за Франција, Османи рече дека работат со сите земји-членки до одлуката во октомври.
-Не е завршено додека немаме одлука. Дотогаш треба да работиме со сите земји-членки, одлуката од јуни се разгледува од почеток, и во октомври секоја земја-членка треба да гласа позитивно за да ја добиеме одлуката. Во овој период бараме состаноци и средби со членките, ќе работиме од најголемите поддржувачи до најголемите скептици за да разговараме со нив за тоа што сме направиле во конкретниот период. РСМ ги има исполнето барањата на земјите-членки за започнување преговори. Важно е да се надмине оваа техничка пречка на Бундестагот, ги разгледуваме и датумите на седниците на Бундестагот, за да ја вклопат и нашата тема за да се разгледа, додека со Франција работиме како што работиме со сите членки за да понудиме аргументи дека ако некоја земја-членка заслужува преговори, тоа е РС Македонија, рече Османи.
На прашањето што ако земјава не добие датум во октомври, Османи одговори дека ќе се создаде сериозна фрустрација во евроинтегративниот процес и ќе се направи пореметување во динамиката на процесот.
-Немаме друга алтернатива освен ЕУ. Ќе продолжиме кон аспирацијата кон членство на ЕУ бидејќи немаме друга аспирација, тоа е консензуална одлука на граѓаните. Тоа ќе има сериозен импакт во очекувањата, во амбиентот во државата и во самата динамика, рече Османи.
Појасни дека не ги убедуваат земјите-членки со добри закони, туку дека пристапот сега е да се презентира напредокот од реформската агенда со конкретни резултати.
– Формиравме три сериозни институции во борбата против корупцијата, Државната комисија за спрелување на корупција, СЈО и Координативното тело против организиран криминал во МВР, што даваат конкретни резултати. Имаме несомнена волја за борба против корупцијата, и резултати во тој дел, додаде Османи.
Го појасни преговарачкиот процес, истакнувајќи дека има неколку фази: првата е објаснувачкиот скрининг што трае една година и обично тој почнува од денот на започнување на преговорите со ЕУ и е период што мора да се помине за да се премине на втората фаза на т.н. билатерален скрининг и потоа на отворање на преговорите.
-Тоа значи дека и покрај сите дилеми и очекувањата дека во јуни 2018 ние не започнавме преговори, ние неколку месеци подоцна го почнавме. Така што од јуни 2018 до денес, ние не изгубивме ниту еден ден во преговарачкиот процес, бидејќи мора да се помине периодот на објаснувачки скрининг, рече Османи.
Додаде дека сега сме во фаза на поминати две третини од поглавјата во објаснувачкиот скрининг. – Во нормални околности овој скрининг почнува во момент кога се носи одлуката за почнување преговори. Така што може, да се каже дека ние тој процес сме го започнале во јуни 2018 година, појасни вицепремиерот.
Османи ја појасни структурата во преговорите, донесена вчера со одлука на Влада.
– Како чадор тело што го формиравме е Координативното тело кое е Владата, и тоа тело се состанува пред меѓувладината конференција. Второто тело е државната делегација, која е носител на преговорите, таа ги презентира преговарчките позиции што ги утврдува Владата на предлог на кородинативното тело и ги презентра на самата меѓувладина конференција. Потоа е Работната група за преговори, тоа е „пешадијата“ што ќе ги води преговорите на техничко ниво и ќе ја раководи главниот технички преговарач, потоа Работната група за преговори, по што доаѓа Секретаријатот на преговарчката група – а тоа е СЕП, што од вчера се претвора во Секретаријат за преговори и ќе биде во служба на работната група, на државната делегација, на Коорднативното тело, рече Османи.
Канцеларијата на главниот технички преговарач ќе биде во служба на Работната група и ќе има две одделенија – едното во Скопје, а другото во Брисел.
-Многу важен чинител ќе бидат и невладините организации. Се уште се разгледува моделот на нивно вклучување, дали да бидат внатре во процесот во работните групи или надвор од процесот каде што ќе можат да го надгледуваат процесот. И кај нив постои дилемата дали да бидат внатре или надвор, рече Османи.
Во однос на опозицијата, појасни дека ќе и бидат понудени важни позиции во преговарачката структура, бидејќи, како што рече, овој процес не е на Владата и не може да се држи ексклузивност и важно е сите чинители уште во старт на самиот концепт да бидат вклучени.
-Покоректно ќе биде доколку на опозицијата и понудиме да биде дел од работните позиции, како невладините организации, да имаат претставници во секоја работна група и заедно со нас да го изодат патот. Останува до нив да кажат која опција ја преферираат, додаде Османи.
Главниот технички преговарач Бојан Маричиќ рече дека во моментот кога ќе бидат донесени одлуките за почеток на преговорите веднаш ќе треба да се започне формална комуникација, иако и сега има преку објаснувачките скринизи, треба да се подготвува и преговарачката рамка за поглавјето 23 и 34 и формален почеток и подготовка на меѓувладината конференција.
Маричиќ ја појасни преговарачката структура, истакнувајќи дека Канцеларијата на главниот технички преговарач ќе ја сочинуваат експерти од министерствата и инстутициите, како и тоа дека за секое поглавје во преговорите ќе има посебна работна група.
Маричиќ, појасни, дека на пример ако го земеме Поглавјето 1 за слободно движење на стоки, кое е едно од пообемните поглавја, се достигнува бројката од 40 луѓе само во оваа работна група.
Во однос на тоа кои и колку луѓе ќе бидат вклучени во преговарачкиот процес, Османи рече дека во целата структура ќе бидат вклучени илјадници луѓе и работните групи ќе опфатат луѓе од повеќе институции, администрацијата ќе се стави во функција на овие преговори во моментот кога ќе започнат. – Точно знаеме какви луѓе и за кои позиции бараме, додаде Османи.
На прашањето дали постои можност Грција да ја користи ЕУ за да издејствува одредени измени во Преспанскиот договор, Османи рече дека Договор е меѓудржавен со меѓународна гаранција и тогаш важат други принципи на почитување и примена на истиот од која било Влада што ќе дојде во овие држави.
-Не коментирам изјави кои не сум ги слушнал и во кој контекст се пренесени. Можам да се повикам на изјавите на новиот премиер Мицотакис, кој и во текот на кампањата даде изјава со поддршка и на Договорот и на нашето членство во ЕУ и сега со одговорноста што ја носи Владата, таа изјава уште повеќе ќе биде зацврстена, нагласи Османи.
Маричиќ додаде дека изјавата била дадена во контекст на некои работи што треба да се дефинираат а што произлегуваат од Преспанскиот договор.
– Беше споменато дека особено ќе се грижат во оваа смисла за интересот на бизнис заедницата и компаниите во Грција, а нам допрва ни следи работа во рамки на оние коимииси за утврдување на потеклото на производите, трговијата. И за трговските марки и за историските прашања во текстот на договорот од Преспа постојат насоки – во однос на трговските марки насоката е дека ќе се решаваат според европските правила, а историските прашања според членот 7, каде што се дефинира различното поимање на терминот Македонија и на историјата во Грција и кај нас, додаде Маричиќ.
Заменикот министер за внатрешни работи надлежен за Македонија и Тракија, Теодорос Караоглу вчера го спомена Договорот од Преспа, додека пак новиот шеф на грчката дипломатија Никос Дендиас не сакаше да ги коментира прашањата од грчката надворешна политика.
– Договорот е нешто што, особено нас во Македонија нѐ има повредено многу. Тоа е отворено прашање. Она што го имаме кажано како Нова демократија, а Кирјакос Мицотакис го разјасни, е дека тоа е национално прашање кое што нѐ засега, нѐ интересира и дека ќе го искористиме единственото оружје што го имаме во раце, а ова оружје е интеграцијата на државичката во Европската унија и ветото, за да постигнеме колку можеме повеќе промени во овој национално неприфатлив договор, рече Караоглу.