Владата го прогласи 7 мај за неработен ден за сите вработени во јавната и државната администрација на територијата на Град Скопје поради посетата на папата Франциск.
-Согласно последните организациски проценки поврзани со протоколот за посетата на Неговата светост папата Франциск, и согласно потребите и барањата на институциите и граѓаните, Владата донесе одлука утрешниот ден, 7 мај (вторник), да биде неработен ден за сите вработени во јавната и државната администрација на територијата на Град Скопје, соопшти попладнево владината прес-служба.
Со оваа одлука се опфатени основните и средните училишта, а градинките ќе бидат организирани непречено да ја извршуваат својата функција.
-Владата им препорачува и на приватните компании, особено од централното градско подрачје да ја прифатат одлуката овој ден да биде неработен и за вработените во овој сектор, и на тој начин да го дадат својот придонес во организацијата на програмските содржини од посетата на папата Франциск. Дополнително ќе биде соопштено кој ден ќе биде определен за да се одработи утрешниот неработен ден, се наведува во соопштението од Владата.
Претходно утринава владата соопшти дека утре е работен ден за сите граѓани.
Утре, 7 мај, денот кога папата Франциск ќе престојува во еднодневна посета на земјава е работен ден за сите граѓани, соопшти претпладнево Владата.