Македонската Влада на 123-та седница ја констатирала поднесената оставка на директорот на Истражниот затвор во Шуто Оризари, Ѓоко Котевски, но ќе ја разгледа по завршувањето на претседателските избори.
– Со оглед на тоа што оставката е поднесена во период откако се објавени претседателските избори, истата ќе се разгледува по завршување на изборите, штом заврши забраната за разрешување и именување согласно Изборниот законик, се наведува во соопштението од владината прес-служба.
Котевски вчера ја поднесе оставка до Владата на Република Северна Македонија по настаните кои резултираа со физички пресметки во затворот на 21-ви овој месец, во кои беа нападнати притворените поранешни министри, Спире Ристовски и Миле Јанакиески.
-Покрај преземената одговорност од професионален и морален аспект, директорот подготви извештај за случувањата во затворот на 21 февруари во кој се констатирани пропусти и прекршувања на протоколите за работа од страна на службата за обезбебедување, се наведува во соопштението од Истражниот затвор „Скопје“.
Како резултат на пропустите, како што е посочено, бил овозможен првиот вербален и физички инцидент, а подоцна не бил спречен вториот вербален и физички инцидент, иако постоеле можности за превенција.
Покрај оставката на директорот, согласно констататираните наоди во извештајот, покренати се дисциплински постапки за инволвирани лица кои ги прекршиле протоколите за работа.
Извештајот е доставен до Управата за извршување на санкции, до Министерството за правда и до Владата за натамошно постапување.