Македонскиот народ ќе опстои и покрај обидите за негово негирање, а еден ден ќе се врати сè што му е одземено, вклучително и името и територии, вели митрополитот повардарски Агатангел во интервју за емисијата „За македонските работи“ на телевизија Алфа.
Говорејќи за македонскиот идентитет, историското наследство и улогата на Црквата, Агатангел се осврна и на светите браќа Кирил и Методиј, за кои рече дека се Македонци од Солунско и дека нивната мисија била значајна за сите словенски народи.
Тој изрази уверување дека македонскиот народ ќе продолжи да постои и покрај, како што рече, обидите за негово уништување.
– И тие ќе зборуваат, ќе зборуваат, ние ќе работиме и ќе опстоиме. Не можат да нè уништат. И атомска бомба да фрлат, пак нема да нè уништат. Маж и жена да останат, пак ќе продолжи македонскиот народ, македонската нација. Продолжуваме, не можат сè да уништат – рече Агатангел.
Тој нагласи дека верува во Божјата помош и заштитата на Пресвета Богородица, која ја посочи како заштитничка на македонскиот народ и на македонската земја.
Агатангел изрази уверување дека во иднина ќе се врати сè што ѝ било одземено на Македонија, вклучително и името и делови од територијата. Во таа насока, спомена и карта од 1832 година, за која рече дека смета оти повторно ќе ја одразува територијата на Македонија.
– Јас сум сигурен дека ќе опстоиме и сигурен сум, можеби јас нема да доживеам, дека еден ден сè што ни е одземено ќе се врати. И името и делови што се одземени. Сè што е наше, мислам во географска положба, сè што е наше ќе си го земеме – изјави митрополитот.
Осврнувајќи се на реакциите на ваквите негови ставови, тој рече дека не се оптоварува со критиките и дека за него најважни се верата, Македонската православна црква, народот и татковината.
– Јас се хранам, првин Христос ми е храната, потоа Мајката Божја, Богородица, мојата МПЦ, каде сум никнат, израснат сум во неа, соживеан со неа, мојот македонски народ и мојата света македонска земја. Тоа е за мене најсвето. Друго ништо не ми е свето – истакна Агатангел.
Говорејќи за историската улога на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, тој оцени дека Црквата имала значајно место во процесот на национално и државно конституирање на македонскиот народ.
Според него, народот е тој што ја создал Црквата, а свесноста за нејзиното значење постоела и во периодот на комунизмот, кога биле вложени напори за обновување на Охридската архиепископија во лицето на МПЦ.
– Ако го имаме народот, сè ќе имаме. Овој народ ја создаде Црквата. Колку биле мудри нашите старци. И во комунизмот, иако беше комунизам, свесни беа дека без Црква не може држава да направат. И затоа вложија напори за да се обнови Охридската архиепископија во лицето на МПЦ – рече Агатангел.
Тој потсети дека Македонската православна црква добила автономија во 1959 година, а автокефалност во 1967 година, посочувајќи дека во тоа време сè уште не постоела Македонската академија на науките и уметностите.
– Од 1959 година ние сме автономни, од 1967 година сме автокефални, а немавме Македонска академија на науките и уметностите. Имавме Црква – рече митрополитот повардарски Агатангел.
Агатангел изрази уверување во иднината на Македонија, повикувајќи се на метафората со троскотот, кој повторно расте и покрај обидите да биде искоренет.
– Не случајно нашиот Достоевски, Петре Андреевски, напиша: „Како троскотот сме“. Знаеш, ти го чистиш пиреот, ти го чистиш, тој пак ќе израсне. Така и кај нас е. Нè чистат, нè чистат, не може да нè очистат – рече Агатангел.
Тој додаде дека верува оти македонскиот народ има посебна улога во христијанската историја, повикувајќи се на библиските настани и мисијата на апостол Павле во Македонија.
Според неговото толкување, апостол Лука бил Македонец и го познавал македонскиот јазик, поради што го придружувал апостол Павле во ширењето на христијанството.
– Нема ништо случајност – порача митрополитот повардарски Агатангел.
Фото: Принтскрин




