Премиерот Зоран Заев по вчерашната прослава на Илинден на Мечкин Камен заминува на одмор најпрво во Охрид, а потоа со семејството во Грција.
Покрај Заев и други министри во Владата годишниот одмор ќе го користат во првата половина од овој месец. Вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска веќе е во Скандинавија. Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, неколку дена од својот одмор ќе ги помине во Грција на почетокот на август.
Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи планира годишниот одмор да го користи од 2 до 10 август во Албанија. Министерката за правда, Рената Дескоска дел од летниот одмор ќе помине во Охрид. Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески ќе одмора од 4 до 11 август, но не се знае каде. И министерот за економија, Крешник Бектеши оди на одмор во првата половина од месецов. Со семејството сѐ уште не направиле избор за одмор.
Првата половина од месец август е планот за одмор и за министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, исто така без определена дестинација. Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски на почеток на август ќе замине на одмор во Италија, а министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, со семејството ќе летува во Турција.
Надвор од земјата, дел од својот годишен одмор, ќе искористи министерот за образование и наука, Арбер Адеми, како и министерот за култура, Хусни Исмаили, кој ќе помине неколку дена во Албанија и неколку дена во Охрид. Министер за локална самоуправа, Горан Милевски нема да оди на годишен одмор, а министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини ќе летува во Грција од 9 до 18 август.
Во првата половина на август на одмор ќе замине министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, како и министерот без ресор задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми, кој планира 7 дена да одмора во Грција.
Министерот без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите, Музафер Бајрам, дел од годишниот одмор на почетокот на август ќе го помине во некоја од земјите од регионот. Министерката без ресор задолжени за странски инвестиции, Зорица Апостолска заминува исто така на кус одмор на почетокот на месецов, но сега за сега без одлука каде.
Министерот без ресор задолжен за странски инвестиции, Елвин Хасан за своја дестинација ја избра Турција, а министерот без ресор задолжен за странски инвестиции, Бардул Даути ќе одмора во Албанија од 1 септември.