За две години загадувањето на воздухот во Скопје да се намали за 50 отсто, а во другите градови во државата помеѓу 30 и 50 проценти, и да не остане ниту едно домаќинство што ќе се грее на јаглен, нафта или кокс.

Тоа го предвидува Програмата со двегодишниот „План за чист воздух“ на Владата, која соопшти дека борбата со аерозагадувањето ќе биде стратешки приоритет во 2019 година.

Првпат е обезбеден и посебен буџетски фонд за првичните активности, 98 милиони денари (1,5 милион евра), но на располагање се и околу 20 милиони евра од одредени ставки од буџетите на неколку министерства. Исто толку пари, односно 1,5 милиони евра Владата потроши за набавка на лубриканти.

За остварување на мерките од обемниот план, кој денеска го презентираше заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, ќе има и поддршка од меѓународни финансиски организации за што до крајот на годинава ќе се организира донаторска конференција.

Според анализите, рече Макрадули, загадувачи број еден и два се затоплувањето и транспортот и затоа ќе се почне со промена на системите за греење во јавни установи, како градинки и училишта. Мерки ќе има и во сите други сегменти поврзани со заштитата на животната средина – индустрија, урбанизација, градежништво, стимулирање на изградба на зелени површини, менаџирање и третирање на отпадот, инспекција. Ќе се засили мониторингот и уште на почетокот на 2019 ќе се набават комплетно нови инструменти за сите постојни 18 станици за мерење на квалитетот на воздухот.

– Основно начело за реализирање на стратешката програма е справување со изворите на загадување. Во „Планот за чист воздух“ има неколку приоритетни компонентни – мониторинг, инспекции, јавни кампањи, законски измени и справување со изворите на загадување – домашното затоплување, траснпорт, индустрија, градежништво, урбано зеленило и отпад, рече Макрадули на презентацијата на планот.

Тој смета дека е амбициозен, но е остварлив зашто целите се темелат на реални бројки и мерки.

За потсетување на јавноста: Подолг период не се во функција мерни станици за загадувањето во Скопје, во реони каде што загадувањето е и најголемо.