Дизајнерот и уметник, Зоран Кардула (на фотографијата) на својот Фејсбук профил го изрази незадоволството од новиот предлог за именување на улици, во кој стои и името на Али Паша Јанински.
-На листа број 22 е предложен Али Паша Тепелина (Јанински), (1741-1822), aлбански паша во Јанина. Инаку, Али Паша Јанински бил деспот од Јанина, одметник и разбојник кој направи геноцид на влашката популација.
Како Влав за мене ова е апсолутно непочитување на Власите како народ и не сфаќам како може да се именува улица кога е општо познат во историјата како зулумќер. Истиот тој Паша е одговорен за уништување на Москополе и Грамос (двата најголеми влашки центри со развиена култура академија високи школи и трговија со која можеме да се гордееме) што и било причина за масовното иселување на Власите низ цела Европа.
Причина поради која мојата фамилија и фамилијата на мојата сопруга како и останатите влашки фамилии се протерани од своите огништа. Тоа е исто како во Ерусалим да именуваат улица по Хитлер, пишува Кардула.
Од Демократскиот сојуз на Власите, исто така, излегоа со реакција.
-Власите од Македонија се зачудени и навредени од одлуката на листата на имињата на улиците да се најде сатрапот Али Паша Јанински. Освен што бил познат џелат, тој немал никаква друга историска заслуга за да се најде на оваа листа. Разбојник и одметник од Големата порта, палел, убивал и пљачкал од убавите и богати влашки села. Затоа реагираме веднаш да биде тргнат од оваа листа!, истакнуваат оттаму, пренесува Република.