Во Собранието вчера заврши расправата за Предлогот за пристапување кон измена на Уставот со кој се предвидува вметнување на Бугарите и на уште пет етнички заедници во Преамбулата, а гласањето е одложено до обезбедување на потребното двотретинско мнозинство. Власта со порака дека гласот за уставните измени е глас за европска иднина на државата. Опозицијата пак, која не учествуваше во дебатата, незадоволна што не беше прифатено нивното барање предлогот да се стави веднаш на гласање, го повтори ставот дека уставни измени под диктат нема да има, но предвремени парламентарни избори мора да има.
Премиерот Димитар Ковачевски во своето обраќање на седницата порача дека Предлогот за дополнување на Уставот има само единствена релација и мотив – влез во Европската Унија, тоа што го бараат граѓаните, а уставните измени кои се пред нас не загрозуваат ни едно македонско идентитетско прашање.
-Ние заради нас самите мора да бидеме европска држава. Знам дека овој пат не е ни лесен ни краток, но цврсто знаеме дека ново вето од кој било нема да има на европскиот пат, порача премиерот Ковачевски.
Тој меѓу другото, истакна дека лично верува оти со гласањето за, сите можеме да бидеме победници, како што со гласањето против, сите ќе бидеме губитници, за жал ќе ги направиме државата и граѓаните губитници.
-Тие тоа не го заслужуваат, тоа не го сакаат. Ова не е, и не смее да биде гласање за избори. Избори ќе има следната година, и граѓаните, а не Вие 120 почитувани пратеници, ќе одлучат за резултатите, така како што е редот во демократска држава! Од Вас, можам човечки да повикам и да апелирам на разум, совест, чесност и водење од општите, а не од лични интереси. Што и да направите, одговорност имате, но првата одлука, Ве прави заслужни за прогресот, а втората одговорни за штета на државата и граѓаните, им порача премиерот на пратениците.
Денеска, потенцира тој, е денот кога ќе стане јасно кој навистина сака да ја види државата во ЕУ, а кој ја блокира европската иднина на граѓаните, на денешните и идните генерации. Кој ќе се заложи државата да оди напред, а кој преку изговори ќе бега од одговорност пред граѓаните.
-Денес е денот кога ќе се види дали ќе бегаат оние што бегаа и блокираа и досега или пак ќе се одважат и ќе дадат глас за европската иднина на државата и граѓаните, рече Ковачевски.
На граѓаните им порача дека треба да бидат уверени дека оваа одлука се носи во нивен најдобар интерес.
-Сакаме и повикуваме зад неа да застанат сите, да покажеме за промена заедничка кохезија, единство, нова енергија и пример за државничко однесување. Да покажеме пример за државата, рече Ковачевски.
На прес-конференцијата одржана во Владата по собраниската седница, премиерот Ковачевски порача дека проевропската коалиција нема да подлегне на неодговорното и недржавничко однесување и ќе направи се да ја тргне блокадата на патот на европските интеграции на државата. Нашата иднина е интеграција, а не изолација, порача Ковачевски.
ВМРО-ДПМНЕ, потенцира тој, покажаа дека немаат никакви аргументи и идеја за дискусија, како и дека не водат дебата. – Многу е јасно дека нивната цел не е да испреговараат нов договор. Многу е јасно дека нивната цел е да блокираат и да си ги спасат сопствените политички кариери. И затоа нема веќе простор за манипулација од страна на ВМРО-ДПМНЕ, рече Ковачевски.
Тој потсети дека „ВМРО-ДПМНЕ ја изолираше и блокираше земјата на нејзиниот пат кон ЕУ и гласаше против членството во НАТО“.
-Но, проевропската коалиција нема намера да подлегне на ваквото неодговорно и недржавничко однесување и ќе направи се да ја тргне блокадата на патот на европските интеграции на државата. Нема да дозволиме граѓаните нивната иднина и државата да се блокира од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Продолжуваме понатаму да работиме на врвните национални и државни интереси и да обезбедиме мнозинство со кое ќе се продолжи европскиот пат на државата, нагласи премиерот Ковачевски.
Во СДСМ и коалицијата, рече тој, има апсолутно единство во однос на гласањето на уставните измени, а за тргање на блокадата од ВМРО-ДПМНЕ, премиерот рече, дека ќе продложат со дискусијата која ќе се води како и досега на сите нивоа со оглед на тоа дека, вели, се работи за исклучително важно прашање за иднината на државата.
-Ова е едно од тие прашања коишто се значајни за иднината и на сегашните и на идните генерации на наши граѓани. Нашите граѓани сакаат и заслужуваат да живеат во ЕУ, меѓутоа да живеат во ЕУ како Македонци, како Албанци, како Турци, како Власи, како Срби и како сите други граѓани на оваа држава во Република Северна Македонија и земја членка на ЕУ, а не да живеат во ЕУ со пасоши на други држави во туѓи држави коишто се членки на ЕУ. И затоа дента кога ќе станеме членка на ЕУ сите заедно ќе ги собереме сите пасоши коишто нашите граѓани ги зеле со цел да работат и да живеат во ЕУ и ќе им ги вратиме на земјите од коишто се земени со оглед на тоа што веќе нема да им бидат потребни со цел остварување на нивните економски интереси, порача Ковачевски на прес – конференцијата на која присуствуваше и целиот владин кабинет.
Независната пратеничка Гордана Силјановска Давкова, која е дел од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, за време на собраниската седница, пак, кажа дека тие ќе гласаат по сопствено уверување. Крајно време е, рече таа, да покажеме дека сме пристојна европска држава, која сака на патот кон ЕУ да оди исто како сите сегашни членки на ЕУ, но и кандидатите зад нас.
-Не смее да има посебни критериуми и преседани за нас, оти тоа ќе се одрази и на следните кандидати, истакна Силјановска Давкова, додавајќи дека овој предлог не треба да се поддржи, туку треба да се прашаат граѓаните на избори. Таа потенцираше дека оваа власт е целосно делигитимирана и оти не смее, како што вели, патот за Брисел да води преку Софија.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, на прес – конференција во Собранието, по седницата изјави дека уставни измени под диктат нема да има, но предвремени парламентарни избори мора да има.
-После цела година сеење магла од страна на власта излезе на виделина дека во Собранието нема двотретинско мнозинство за уставни измени. Во Собранието нема 80 пратеници, а надвор од Собранието над 80 проценти од народот се противи на уставни измени под бугарски диктат. Уставни измени под диктат нема, ама затоа избори мора да има, бидејќи оваа власт е делегитимирана, рече Мицевски.
На новинарско прашање дали барањето е за вонредни или за редовните избори наредната година, Мицевски одговори со прашање „дали состојбите во државата се редовни за да може да се чекаат редовни избори.“
-Очигледно во државава ништо не функционира. Она на што купуваа време од граѓаните дека уставни измени ќе има, дека разговараат со одредени крила на пратеници, денеска се виде дека го немаат двотретинското мнозинство. Следно што оваа ненародна власт, којашто не покажа никакви резултати, треба да го направи е да го распушти ова Собрание па да отидеме и да ги прашаме сите граѓани на предвремени парламентарни избори за тие да одлучат што ќе се случува во иднина, додаде Мицевски.
Со денешното гласање „против“ уште при утврдувањето на дневниот ред, опозицијата потврди дека во земјава пропаднал концептот на ЕУ, оцени вечерва претседателот Стево Пендаровски.
Според него, опозицијата треба да каже каква алтернатива нуди и што предлага ако е против уставните измени. За Пендаровски е нејасно и „како опозицијата се обидува да се мајтапи со толку моќна земја на ЕУ како Франција и вели дека она што е на маса не е француски предлог и европска рамка, туку бугарски диктат“.
-И понатаму тврдам, дека ова што го имаме на маса и што опозицијата пежоративно и непотребно го нарекува „бугарски диктат“, а се работи за француски предлог и европска рамка, навистина не ми е јасно како се обидуваат да се мајтапат со толку моќна земја на ЕУ, со Франција, и да велат дека тоа не е француски предлог и европска рамка, туку е „бугарски диктат“. Нивниот конпцет е – дајте да дојдеме на власт, па потоа ќе му ја мислиме за двете третини. Тоа не е политички концепт, рече Пендаровски во гостувањето на ТВ Сител.
На Пендаровски воопшто не му се чини и, како што рече, дека е изгубен легитимитетот на Владата по собраниската сесија. Јасно е дека владејачкото мнозинство во овој момент нема две третини, но тоа не значи и дека нема да ги има, нагласи претседателот. Пендаровски е дециден и дека втората меѓувладина конференција со ЕУ ќе почне тогаш кога ќе го завршиме прашањето со Уставот.
Поранешниот амбасадор на Европската Унија во Северна Македонија, Ерван Фуере говорејќи за процесот на уставни измени во државата и за спорот меѓу Скопје и Софија смета дека освен Северна Македонија и Бугарија мора да покаже големина во билатералниот спор.
-Изборите пред македонскиот народ се тешки. Ако Бугарија сака да биде запаметена како земја членка на ЕУ која ги почитува и се придржува до основните принципи на човековите права и основните вредности на кои се заснова ЕУ, тогаш мора да ги прифати и спроведе одлуките на Европскиот суд за човекови права во однос на македонското малцинство во Бугарија по одобрувањето на уставните измени од парламентот на Северна Македонија, изјавил Фуере за порталот indeks.mk.
Уставните измени не се диктат од Бугарија, туку правила договорени со ЕУ кои Северна Македонија мора да ги следи, изјави бугарскиот европратеник и известувач на Европскиот парламентот за земјава, Илхан Ќучук во интервју за БНР пред седницата на македонското Собрание за промена на Уставот.
-Нема да има промена на ставот на ЕУ – нема желба за тоа, ниту ЕК и Советот ќе се заложат за промена на правилата неколку месеци пред европските избори. Правилата се такви, тие се договорени и сите мора да ги почитуваат. Второ – нема да има подобар предлог, затоа што ова е најдобриот. Никој не му ги врти рацете на Скопје, никој не поставува дополнителни услови. Ова не е никаков бугарски диктат, туку ова се европските правила по кои треба да оди Северна Македонија, вели Ќучук.
Северна Македонија е наш сосед и стратешки интерес на Бугарија, вели тој, треба да биде заедно да бидеме дел од НАТО и ЕУ на Балканот.
-Тоа е иднината. Но, изборот е исклучиво за Северна Македонија. Доколку ВМРО-ДПМНЕ не сака да биде на страната на европеизацијата на РСМ, одговорноста е на партијата, но за жал, тоа ќе го запре патот на Скопје кон ЕУ на подолг период, и ќе ја отвори можноста Албанија да се одвои од Северна Македонија, нагласува Ќучук и додава дека е согласен со мислењето на Ковачевски дека во случај на неуспех, причините треба да се бараат само во Скопје.
При носењето на дневниот ред на пленарната собраниска седницата за отворање на Уставот 70 пратеници гласаа „за“, а 47 беа „против“. Расправата заврши истиот ден кога почна, а согласно Деловникот на Собранието можеше да трае 10 работни дена.
Претседателот на Собранието Талат Џафери, по исцрпувањето на листата пријавени за збор, по речиси тричасовна дебата ја прекина седницата и најави дека за продолжувањето пратениците ќе бидат дополнително информирани. Џафери во интервју за МИА уште на почетокот на месецов најави дека по завршување на претресот, гласањето за потребата за уставни измени може да биде одложено, а ако нема услови, воопшто и да не се случи, со што постапката за уставни измени завршува.
За усвојување на Предлогот за пристапување кон измена на Уставот е неопходно да гласаат минимум 80 пратеници. Тоа е првата од вкупно трите фази неопходни за промена на Уставот.
Внесувањето на Бугарите во Уставот е услов за земјава да ја одржи втората меѓувладина седница и да ги продолжи преговорите со Европската Унија за полноправно членство во Унијата со отворање на поглавјата
По завршувањето на седница кординаторот на пратеничката група на ВМРО дпмне Никола Мицевски рече дека уставни измени не се прават врз основа на диктат од надвор. Тоа е газење на достоинството на државата и газење на суверенитетот, потенцираше дека власта нема мнозинство и следен чекор треба да биде распуштање на ова Собрание.
Следно што треба да се случи е распуштување и да идеме да ги прашаме граѓани на предвремени парламентарни избори за тие да одлучат што ќе се случува во иднина, кажа Мицевски од прес-салата на Собранието пред медиумите, после прекинатата седница за уставните измени.