Повеќе земји во Европа го одложија пописот што го планираа годинава, но владејачките партии во Македонија упорно го туркаат законот во Собрание и по секоја цена настојуваат да се одржи оваа статистичка операција и покрај пандемијата од коронавирусот. Само за избори и за попис, кога и одговара на власта, во земјава е безбедно тие да се спроведат, а мерките против пандемијата се строги за празници и за карневали, како што беше случајот во Вевчани, каде што интервенираше и специјалната полиција.
-Со успешен попис добиваат граѓаните и државата, порачаа вчера од владејачката СДСМ, а опозициската ВМРО ДПМНЕ повтори дека се подготвува за акција за собирање потписи со кои што ќе се бара поништување на законот за попис, за кој завчера во Собранието заврши расправата.
Доста е со неразумни блокади, кочења, поларизација, изјави Стефан Васев од СДСМ, порачувајќи му на опозицискиот лидер Христијан Мицкоски дека пописот на пописот не се гласа односно тоа не се избори, туку е статистичка операција.
-По шест изборни порази можеме да разбереме дека Мицкоски има страв од граѓаните, но не треба да се плаши, на пописот не се гласа, тоа не се избори, тоа е статистичка операција. Доста се неразумни блокади, кочења, полиризација. Успешниот попис Мицкоски може да го смета за уште еден негов пораз, но пописот не се избори таму нема губитници и победници. Со успешен попис, добиваат граѓаните, добива државата, изјави Васев од СДСМ.
Од ВМРО ДПМНЕ пак истакнаа дека подготвуваат документи, кои треба да се поднесат до Министерството за правда за да може да се спроведе акцијата за собирање потписи на терен, но, како што рече партискиот портпарол Наум Стоиловски, до тоа може и да не дојде ако власта се повлече од носење ваков закон.
Го повтори ставот на партијата дека законот е без методологија и содржи индиции за политичка, а не статистичка операција.
-Таа акција ќе биде спроведена онака како што треба, преку подрачните единици на Министерството за правда, луѓето ќе може да се потпишат во подрачните единици низ градовите, а бројот на потпишани нема да биде нешто за занемарување од страна на владејачкото мнозинство. И целта е тоа, да се повлече овој закон и да се донесе закон кој што ќе значи општествен консензус за статистичка операција – попис поддржана од сите, изјави Стоилковски.
Претседателот Стево Пендаровски во интервју за МИА порача дека не постои политичка терминологија што користи израз бојкот на пописот.
-Вие може да не ги признаете резултатите, тоа е легитимно, меѓутоа не постои израз ќе ги повикаме граѓаните да го бојкотираат пописот.
– Не би сакал за нечија политичка реторика, не обвинувам никого конкретно, меѓутоа за нечија политичка реторика дека треба не знам какви услови да се исполнат какви што не се исполнети никаде во Европа, на пример, отпечатоци на прсти, за кои јас знам дека премиерот се обиде да направи нешто, меѓутоа му беше кажано од многу меѓународни експерти дека така не се прави попис никаде во Европа, дури ни на Балканот. И особено не е можно да се направи отпечаток на прсти да се земе од малолетници под 18 години. Тоа ни по закон не е дозволено ни по меѓународна пракса. Значи, ако вие се обидувате со одредена реторика да кажете дека ние не сме толку колку што ќе прикаже пописот утре, а затоа имате скриена политичка агенда, тогаш е чесно да го кажете тоа однапред, а не по пописот, вели Пендаровски.
Собранието завчера по три дена ја заврши расправата по Предлог-законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, согласно кој по 19 години земјава годинава треба да ја изврши оваа статистичка операција. По Предлог – законот, како што најави е најавено, ќе се гласа на продолжение на оваа седница, кое ќе биде дополнително закажано.
Министерот за правда Бојан Маричиќ во обраќање пред пратениците истакна дека државата и системот се подготвени за попис, бидејќи, како што рече, речиси 20 години таква операција не е спроведена, а е од исклучителна важност за развојот на државата. Доказ за подготвеноста наведе дека е и извештајот на Европската Комисија, во кој се нотирал добар напредок, особено во спроведувањето на пилот фазата од пописот на населението, како и тестирањето на новата методологија.
Во земјава првиот попис е одржан во 1948 година. Спроведени се осум пописи, а последниот во 2002 година. Во 2011 година почна да се релизира ваква статистичка операција, но, таа беше прекината.