За тоа колку добро се движи македонската економија говори фактот што германските инвеститори со нула ја оценија работата на Владата на СДСМ во економијата, реагира ВМРО-ДПМНЕ.

– Двесте германски компании потврдија дека СДСМ се неспособни да раководат со економијата. Тие  ги потврдија и криминалните и матни тендери, но  и правната несигурност која создава овој криминален картел на власт. Фактите говорат дека откако СДСМ е на власт граѓаните живеат се посиромашно.  Младинската невработеност е 47,6%, а повеќе од 500.000 жители живеат под прагот на сиромаштијата и едвај врзуваат крај со крај. Додека во регионот и Европа економиите забрзано растат,  ние имаме  срамни 2,05%, што е многу далеку од ветуваните 5 или 7%. Реализацијата на капиталните инвестиции за првите два месеци е мизерни 3,53%, што е показател дека се неспособни  да го сработат ни тоа што самите го планираат, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Единствено што расте, се додава во соопштението, е долгот кој го создаваат со секојдневните задолжувања, па така откако се Заев и СДСМ на власт  јавниот долг за прв пат во историјата на Република Македонија  надмина 5 милијарди евра и ја премина психолошката граница од 50 проценти.

– Со СДСМ на власт економијата на Република Македонија само уназадува, а бедата во која живеат граѓаните постојано расте. Македонските граѓани заслужуваат подобар живот,  а тоа може да се случи единствено кога СДСМ и Заев ќе си заминат од власт, се вели во соопштението на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Криминалот и корупцијата на владата предводена од Зоран Заев ја влечат македонската економија надолу.

– Дури и семејството на Зоран Заев не верува во неговите политики и затоа почнаа да бараат иднина за сопствените бизниси во соседна Бугарија. Оценката на 200 германски фирми за работата на владата на СДСМ ги потврди сите тврдења на ВМРО-ДПМНЕ од изминативе две години дека додека СДСМ ги продава државните и национални интереси, државата тоне и сите можни полиња бележат неуспех, се вели во соопштението.