Бекир Асани може да биде симбол на Заевата визија за „европска Македонија“, но сигурно не може да биде модел за илјадници млади Македонци кои веќе се чувствуваат како дел од Европа и се подготвени да се натпреваруваат со своите врсници, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на кампањата на СДСМ.
– Осуденици на тешки кривични дела може да бидат поткрепа на Заев во лагата дека со откажување од македонскиот идентитет ќе тече „мед и млеко”, но тие не може да бидат урнек за чесниот и достоинствен македонски работник. Од вчера и Бекир Асани и лица осудени за тешки кривични дела станаа адути на Заевата кампања со која што се обидува да го изманипулира македонскиот народ за да ја легитимира капитулцијата на која што се согласи, а која подразбира бришење на македонскиот идентитет. Човек како Асани кој нападна службено лице, полицаец, настан кој власта и Спасовски направија се за да го прикријат не може да бидат дел од европската иднина на Македонија колку и да го поддржуваат Зоран Заев. Заев и СДСМ мора да се прилично очајни штом ги ангажираат овие луѓе во кампањата за промена на името, уставот, идентитетот и јазикот, се вели во реакцијата.
Криминалот, се додава натаму во соопштението, е главен мотив на власта.
– Јавноста во изминативе година и половина виде се освен европските манири на владата на СДСМ и Зоран Заев. Криминалните тендери и грантови доделени на високи партиски и државни функционери не се дел од вредностите на Европската Унија и западната цивилизација. Човек со свиткана кичма кој е спремен да ги продаде националните и државните интереси само за да си ја спаси својата политичка кариера, не е пример за Европски политичар. Македонија не може да стане членка ниту на ЕУ ниту на НАТО додека со неа раководи човек кој целата јавност го виде како бара мито од 200 илјади евра, а судот наместо да го казни го амнестираше за неговите криминали, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Натаму се вели дека „референдумската кампања на СДСМ е манипулативна како што е и прашањето кое Заев и СДСМ им го поставија на граѓаните“.
– Македонија нема проблем со своето име, туку со корумпирани, транзициски политичари кои цели 27 години ја пустошат државата и ја крадат иднината на нашите поколенија. СДСМ и Зоран Заев се единствена пречка за интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО. Тие се единствената пречка за европска Македонија. Само кога СДСМ и Заев ќе заминат, Македонија ќе тргне напред. Македонија ќе победи, се вели во соопштението.