Ако главната мерка за борба против Ковид-19 е тоа што Спасовски ќе брои гости по домовите, освен тоа што го кршат Уставот, треба веднаш цела влада да си поднесе колективна оставка, се вели во денешната реакција од опозициската ВМРО-ДПМНЕ за најавените мерки.

Од партијата велат дека ако Владата ја одобри мерката предложена од, како што велат, партиската здравствената комисија, тогаш ќе влезе во брутално газење на Уставот. А ако ја одбие, велат од ВМРО-ДПМНЕ, тогаш Филипче и владата треба да побараат одговорност од комисијата и да ја разрешат, во спротивно ќе докажат дека си играат држава и целокупната криза е менаџирана од неспособни луѓе.

– Според член 26 од Уставот полицијата може да влезе во дом само ако има претходно одлука од Суд, а не по желба единствено на МВР или обвинителството. Или мафијата на Заев смета дека е суд, полиција и обвинителство во исто време па може да упаѓа по домовите и да бројат гости или ова е очаен обид на владата да го сврти вниманието од крахот и фијаското со здравствената криза. Заев и Филипче предизвикаа целосен дебакл на здравствен план. Немањето јасна стратегија резултираше во 364 новозаболени од коронавирус во текот на вчерашниот ден, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата обвинува дека бројките галопираат и дека за три дена бројот на заразени е близу 1.000, односно половина од бројката од 2.000, колку што, како што велат, според Филипче требало да изнесува бројот на заразени во Македонија во текот на целата пандемија.

– Македонија и сите граѓани страдаат заради неспособноста и лекомисленоста на власта. Уште сме на почетокот на есента, а сезоната на грип само што не почнала и сепак бројот на заразени е алармантен. Со ваква неспособна власт кои бројки треба да ги очекуваме во претстојниот период?! Кризата не ги затекна Заев и Филипче, тие знаеја дека ќе има уште пострашен удар од првиот бран, кој за жал кај нас е со продолжено траење, и не преземаа ништо во текот на летото за да ги зајакнат капацитетите на јавното здравство, како со болнички простории, така и со опрема. Наместо импровизации и неспособност потребна е одговорност, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.