Целосна неорганизираност на државата – во цел свет има недостаток на храна, и двојно повисоки цени, а земјоделците во струмичко нема на кој да ја продадат зелката.

Ова се истакнува во денешната реакција од опозициската партија во врска со вчерашните протести на земјоделците од Струмичко. Соопштението го објавуваме во целост:

Цените на ѓубривата се поскапи и за 300%, горивото е поскапо и за 70% во однос на лани, со тоа самото производство на зелка е двојно поскапо, но откупната цена наместо ланската 35 денари е 15 денари.

Што прави Николовски како министер во МЗШВ, и зошто не ги посети државите каде има недостаток од раноградинарски производи? Зошто не направи конекции за македонските трговци и не отвори нови пазари? Или е зафатен со расправии со новинари?

Неприфатливо е во ек на глобална криза за храна, да увезуваме скапа храна ј репроматеријали, а нашата храна да не може да се извезе зошто власта е неспособна.

Николовски исто како што отиде во Србија да договара пченица за реекспорт, да отиде и да договори откуп на зелка и други раноградинарски култури.

Незадоволството кај земјоделците е оправдано, и тие со моменталните политики на владата и нејзината неспособност се доведени до раб на опстанок.

Центар за комуникации со јавноста на ВМРО-ДПМНЕ