Заев наместо премиер, се однесува како шанер, од храбрење за стабилно мнозинство се сведе на приказни за широка влада само за да се спаси од одговорност. Ако неговиот предлог е бегство од одговорност, тогаш треба да знае дека пактови со криминалци ВМРО-ДПМНЕ не прави и нема да има, ќе лежите во затвор, се вели во денешното соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.
-Сето ова доаѓа откако беше присилен од јавноста и меѓународни фактори да го затвори, Заев сега го зема местото на Сашо Мијалков, со намера да управува како со марионети со оние како Тодоров кои во наводна смена во ВМРО-ДПМНЕ гледаат да одработат за Заев, само и само за лична корист. Провидна е играта на Зоран Заев. Му се потрошија Мериот коалициите, различните доктори за смрт како што сами ги нарекуваа, а сега пробува директно да се меша и во ВМРО-ДПМНЕ. Оркестрираното делување со некои поранешни министри кои не се повеќе дел од ВМРО-ДПМНЕ покажува дека Заев стои зад различните иницијативи, мериотовски коалиции, се со цел да го покри неговиот страв. Од вештачката радост за наводно мнозинство во Собранието на Македонија до молење за широка влада, зошто Зоран Заев знае дека владата ќе му падне. Византиските игри на Заев не го спасуваат од пораз. Заев нуди широка влада, а Али Ахмети одбива, а во суштина договорени, се вели во соопштението.
ВМРО-ДПМНЕ реагира и на соопштението од СДСМ.
-Главната тема е што во Македонија згаснаа 3.185 животи поради корона, а не шанерските трикови на Заев со кои сака да си ја покрие неспособноста во водењето на државата. Зоран Заев поддржан со неколку уценети ликови продолжи таму каде застана Мијалков мислејќи дека така помалку ќе се збори за тоа што на своја совест Заев има 3.185 животи кои згаснаа зошто е неспособен да обезбеди вакцини.
И Кенија, Руанда, Судан вчера набавија 2,5 милиони вакцини, а фрижидерите на Заев и Филипче и натаму се празни. Тоа сака да го покрие Заев како и фактот што во вода паднаа неговите тврдења дека има стабилно мнозинство. Разнишана е владата на Заев и таа ќе падне и затоа Заев дава предлози за широка влада. Сепак во таа паника Центарот за комуникации на СДСМ треба да се одлучи кој е нивниот став, оној кој го кажа Заев дека сака широка влада или оној кој тие го дообјаснуваат преку додатно соопштение. Толку се во паника што и нивниот лидер мораат да го дообјаснуваат во отсуство на план и стратегија, реагира ВМРО-ДПМНЕ.