Комисијата за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ преку статус на Фејсбук потенцира дека Регулаторната комисија за енергетика не престанува да ги изненадува македонските граѓани.

-РЕГУЛАТОРНАТА КОМИСИЈА ЗА ЕНЕРГЕТИКА НЕ ПРЕСТАНУВА ДА ГИ ИЗНЕНАДУВА МАКЕДОНСКИТЕ ГРАЃАНИ

Додека Македонија длабоко се бори со вирусот COVID-19, а Претседателот на СДСМ се фали дека ќе се справат со оваа пандемија по принципот „чекан и танц“, следува уште еден „бисер“ од кујната на владеачката партија. Излегува ликот на Претседателот на РЕГУЛАТОРНАТА КОМИСИЈА ЗА ЕНЕРГЕТИКА со апел да ги плаќаме сметките за електрична енергија. Како човеков да е од некоја друга планета, па да не знае дека секојдневно бројот на новозаболени и починати од вирусот расте, како да не знае дека повеќе од 10 % од вкупниот број на заразени се лекари и медицински персонал, баш заради сиромаштијата на јавното здравство и немањето на доволно средства за заштита на медицинскиот персонал.

А згора на сė неговиот лидер Заев, на чиј предлог стана Претседател на РКЕ, изјави дека немаме доволно ресурси да тестираме секојдневно, што е исто така многу важно во справувањето со пандемијата. Но, сите овие факти како да не се важни! Важно е само да се грижиме за сметките за електрична енергија, парно и вода. Толкава грижа за плаќањето на сметки не покажаа ни компаниите на кои треба да им се платат овие сметки, колку овој човек. Наместо РКЕ да излезе и да даде препораки како да се заштитат вработените во енергетските компании од вирусот и кои мерки треба енергетските компании да ги преземат за заштита на своите вработени, за да не трпи процесот на производство на електрична енергија, топлинска енергија, секторот за гас и вода, нимаме апел да си ги плаќаме сметките. Дали овој човек се запрашал колку домаќинства не можат да го сторат тоа? Или за него не е важно тоа, туку важно му е само компаниите да биле ликвидни. Да понекогаш и тоа е важно, но за жал во една ваква тешка состојба тоа не е најважно. Можеби овој човек треба да се свести дека е крајно време да почне да ги гледа потрошувачите, а не само компаниите. Ваквиот однос навистина прави сомнеж дали комисијата го разбира Законот за енергетика во целост и своето значење, дека освен за непречено функционирање на компаниите, треба да се грижи и за потрошувачите? Во една ваква тешка состојба во која се наоѓаме сите, дали РКЕ се заинтересира да види што се случува на берзите со електрична енергија? Дали комисијата знае дека цената на електричната енергија после прогласување на пандемијата драстично падна? Можеби е време да почнат и вакви анализи да прават за да може потрошувачите да почнат да се чувствуваат заштитено, наместо да нė изненадуваат со изјавите од типот „плаќајте си ги сметките“!