Кланот Зајас го сочинуваат најблиски роднини на лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Постои основан сомнеж дека благодарение на политичката позиција на Ахмети во власта овој клан енормно се богати, велат во партиското соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.

Последниот од низата скандали за овој клан сочинет од Шкумбин, Дрин и Бесијан Ахмети е изградбата на фотоволтаична централа од 60МW во Кичево, вредна 35 милиони евра. Овие луѓе, за кои нивни сограѓани тврдат дека до пред некое време едвај преживувале сега станаа главни акционери, инвеститори, иноватори и претприемачи во Македонија, додека стотици илјади други граѓани, Македонци, Албанци, Турци, Срби и останати едвај врзуваат крај со крај во месецот.

Децата на Ахмети формирале компанија „Хелиос“ и побарале кредит од една банка за изградба на фотоволтаична централа за која навеле дека имаат дозвола од страна на државните институции и дека веќе договориле и државни средства за јавно приватно партнерство за централата. Ова значи дека кланот Зајас обезбедил барем усмена гаранција од страна на власта на Ковачевски дека нивниот бизнис ќе биде реализиран, а според информациите од свиркачи и со финансиска помош од државата.

Ковачевски треба да излезе и да каже, доколку се охрабри, дали компанијата на кланот Зајас, односно децата на Ахмети добиле гаранција за дозвола за изградба на 60МW фотоволтаична централа?

Ковачевски, доколку има смелост, нека излезе и нека каже дали тој или било кој друг од власта разговарал со кланот Ахмети за државни средства за изградба на фотоволтаична централа преку ЈПП?

Знаеме дека Ковачевски е кираџија во владата и дека секој став му зависи од тоа дали ќе му го дозволат газдите од Зајас, но очекуваме дека барем овојпат ќе се охрабри и ќе излезе во јавноста со конкретни одговори. Криење зад флоскули или дефокусирање со стари теми нема да му помогнат. Криминалот и корупцијата на луѓето блиски до владата на СДС и ДУИ е епски и затоа мора да има одговорност, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.