Стерилните и исти прекопирани соопштенија на СДСМ не може да ја убедат јавноста дека Македонија ја чека светла иднина, реагира ВМРО-ДПМНЕ на секојдневните исти соопштенија од Центарот за комуникации на СДСМ, какво што е и денешното.
– Напротив, иднината што СДСМ на Република Македонија ја понуди под „живот“ е иднина само за владините функционери кои секојдневно се вмешани во корупција и криминал. Парите на граѓаните од државната каса се излеваат и претураат во џебовите на власта преку „криминални иновации“, „крвави тендери“. СДСМ понуди енормни задолжувања, смртоносна економија и некомпетентни политики кои ја осиромашија државата, реагира ВМРО-ДПМНЕ.
Со ваква „политика“ на власта, се вели натаму, во ЕУ и НАТО не се оди.
– СДСМ Република Македонија не ја носи во ЕУ и НАТО, туку на македонските граѓани донесе штетен договор со кој ги продадоа националните и државните интереси. СДСМ со еден потпис се откажа од идентитетот целосно загрозувајќи го институционалниот идентитет како еден од основните обележја од идентитетот на државата и македонскиот народ. Нема граѓанин во Република Македонија кој не изрази разочарување за криминогеноста на власта. Тоа е показател колку е уназадена државата откако Заев и СДСМ се на власт. Со СДСМ нема иднина за Република Македонија. Граѓаните многу брзо ќе му пресудат Зоран Заев, а Македонија ќе победи, се вели во партиската реакција на ВМРО-ДПМНЕ.
Оваа реакција се однесува и на денешното соопштение на СДСМ, кое е идентично со серија претходни и во кое повторува:
„Време е Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ конечно да кажат за што се и да се изјаснат за референдумот. Ако е за иднина на Македонија во НАТО и ЕУ треба да ги повика членовите на ВМРО-ДПМНЕ да излезат на референдум и да изберат иднина“.