Извештајот на Европската комисија е доказ за лажните изјави на СДСМ и ДУИ дека се фокусирани на европската агенда. Тој е одраз на тажната реалност во Македонија каде е нотирана стагнација, а некаде и уназадување. Ова е првичната реакција на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за бриселската оценка за напредокот на земјава во евроинтеграциите.

„Денес нема да ја слушнете власта како зборува за извештајот, нема да го слушнете ниту Ковачевки, Груби, Маричиќ, Османи и останатите да се нарекуваат европски фронт затоа што извештајот ја обелоденува нивната непосветеност кон системско имплементирање на препораките.

Наместо силна реформа имаме уназадени институции. Наместо напредок имаме порази. Власта на СДС и ДУИ е разобличена, проблемот зошто Македонија не почнува преговори, не се штетните договори или пак промената на Уставот под нечиј диктат туку затоа што државата не е средена, не е вистински реформирана и затоа што наместо право и правда владее власт заглавена во криминал и корупција!”

Од партијата на Мицкоски ги посочуваат деловите на Извештајот во кој државата се критикува дека не ги имплементира препораките на ОБСЕ, иако министерот Османи се промовира како претседавач на оваа организација и троши милион евра за најмување на возила. Од ВМРО-ДПМНЕ коментираат дека Брисел забележува на директното склучување на договорот со Бехтел и Енка за коридорите 8 и 10Д што може да биде извор на корупција, за прекумерната злоупотреба на европското знаменце, како и за тоа дека контроверзното разрешување на претседател на Судскиот совет предизвика загриженост за несоодветно политичко влијание.