Денеска власта преку незаконска процедура, со грубо кршење на правните прописи, сама го носи договорот со Грција кој во својата суштина е противуставен и во спротивност со државните и национални интереси, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ за денешната седница на Собранието, на кое по вторпат на дневен ред е ратификацијата на договорот со Грција.
– Со тоа што се прибегнува кон груба злоупотреба на прописите, злоупотреба на европското знаменце само за да овој штетен договор се донесе, е јасен показател дека власта, парламентарното мнозинство и премиерот Заев се свесни за неговата штетност и деструктивност, но и покрај тоа сакаат да го донесат овој договор. Токму затоа ВМРО-ДПМНЕ нема да биде соучесник во капитулацијата, во кршењето на процедурите, напротив ние жестоко се противиме на сето ова. ВМРО-ДПМНЕ и нашата пратеничка група одлучија да не присуствуваат на денешната седница каде се носи незаконски и неуставен договор кој преставува деградирање на македонските граѓани и е во спротивност со највисоките државни и национални интереси, се вели во реакцијата.
ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека нема да биде соучесник и се противи на акт со кој се предвидува промена на Уставот со цел промена на уставното име.
– Акт со кој се определува бришење на зборот Македонија, се задира во суштината на идентитетот и се врши трајно осакатување на државотворните белези на државата и идентитетот на македонскиот народ. Ова не е нешто за што може да се слави. Капитулациите секаде во светот е срамен чин. Воедно очекуваме овој противуставен акт да не биде потпишан од страна на Претседателот на државата бидејќи негова прва должност е заштита на државните интереси и заштита на Уставот на Република Македонија. Предупредуваме дека објавувањето на овој договор без потпис на претседателот е кривично дело кое не застарува и за кое се одговара. Таквиот евентуален чин ќе преставува продолжување на грубата пракса на кршење на процедурите и законите се со цел озаканување на нешто што не е законско. Правдата може е спора но треба да се свесни дека за секое кривично дело и кршење на закони ќе се одговара, предупредува најголемата опозициска партија.
Партијата потсетува дека реалноста е, но воедно и пораката од Брисел е многу јасна, без реални реформи, борби против криминалот и корупцијата, департизација на судството и други структурални реформи нема да тргнеме ни милиметар кон ЕУ.
– Ова јасно покажува дека не ни се потребни штетни договори, туку реални реформи, кои со СДСМ на власт нема никогаш да ги имаме. Со ваквите договори Македонија губи. И не смее да продолжи да губи, затоа што на Македонија и се потребни победи. Република Македонија е нашето минато, нашата сегашност и нашата иднина. Ваквиот противуставен договор не треба да стапи во сила, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.