Претседателот на Собранието Талат Џафери, продолжува да работи несовесно и нестручно, при што во повеќе наврати го прекршува Уставот, Деловникот и законите. Вака почнува текстот на интерпелацијата што ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе за претседателот на Собранието.

Опозицијата обвинува за бројни скандали, хаос и самоволие во работењето на Џафери, и побараа поддршка од пратениците од владеачкото мнозинство за да му се изгласа недоверба.

– Во досегашната работа, односно неработа на Талат Џафери, како претседател на Собранието, како никогаш досега не се случувале скандали и понижувања на пратениците само заради тоа што очигледно Џафери дефинитивно не сака или не знае капацитетно да води една демократска институција.. Му порачуваме на Талат Џафери да ја стави оваа интерпелација на пленарна седница, а не како претходната да ја крие во фиока и доколку смета дека работи одговорно да даде аргументи пред целата јавност, а доколку повторно избега и не ја стави на седница ќе даде до знаење нема ни грам одговорност кон функцијата што ја извршува, изјави Мицевски.

Поддршка за интерпелацијата за Џафери најавија од Беса. Според партијата на Касами тој нема кредибилитет да ја извршува должноста претседател на Собранието. Оставка од Џафери бараат и од Алијанса за Албанците иако не прецизираат дали ќе ја поддржат интерпелацијата.

Од Кабинетот на Џафери иако најавија, до овој момент немаат коментар за поднесената интерпелација.

Коментар денеска нема ниту од неговата матична партија, а СДСМ се изјаснија дека нема да ја поддржат. Според власта однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ е несериозно со намера да предизвикаат инцидент.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност од Џафери откако тој минатата среда ги заклучи вратите во собраниската сала, за како што тврдеше да се избројат пратениците присутни на седницата, за што меѓусебно се обвинуваа за прекршување на Деловникот. Кавгата меѓу пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и собранискиот спикер трае веќе неколку недели откако се појави спорната снимка во која што се слуша како Џафери упатува навреди и пцовки до собраниските службеници.