Јавното обвинителство молчи за Шилегов кој е фатен жив како мести тендер од 300.000 евра, се вели во денешната реакција од ВМРО-ДПМНЕ.
– Ги повикуваме ЈО и сите останати институции да отворат истрага за Петре Шилегов и Душко Весковски. Предадовме документи во ЈО од кои јасно се гледа дека ЈП Водовод вовел фирма во работа, која ги завршила градежните зафати, а дури два месеца потоа распишале тендер и потпишале договор за да ја исплатат фирмата. Криминалите на Шилегов не застануваат тука. Профитерот Шилегов нема тендер во последните две години кој не е потпишан на сума скоро иста со сумата која е предвидена за постапката. Скоро и да немало наддавање, се вели во соопштението.
Воочлива е играта на Шилегов, се додава во соопштението во кое опозициската партија прашува: Дали некој од СДСМ кажува кои фирми може, а кои не да учествуваат на тендери.
– ЈО има повеќе од доволно докази за да отвори случај и да подигне обвиненија против Шилегов кој очигледно години наназад ги злоупотребува јавните финансии. Работењето на Шилегов како и на сите други градоначалници кои работеле криминално ќе биде предмет на ревизија, а потоа ќе следуваат и пријави веднаш по промената на власта. Одговорност за злоупотреба на парите на граѓаните ќе има, соопштува ВМРО-ДПМНЕ.