Колку побрзо Филипче си поднесе оставка, толку повеќе животи ќе се спасат, се истакнува во денешната реакција од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
– Министерот Венко Филипче секој ден ја покажува и докажува својата неспосовност. Тој велеше се е под контрола, а сега одеднаш нема место во клиниките, а ги нема ниту најавените 16 монтажни болници кои требаше да бидат готови. Истите беа бомбастично најавувани во првата половина на јули или уште пред одржување на изборите на 15 јули. По се изгледа најавата служеше за изборни цели, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Освен што почнува да снемува место по клиниките, се додава во соопштението, од здравствените установи почна да заминува и медицинскиот кадар.
– И наместо да ја префрла вината Филипче треба да сфати дека трена да работи. Но осум месеци не направи ништо освен погрешни прогнози, погрешни чекори, погрешни, несоодветни и задоцнети мерки. Од неговата проценка дека ќе има околу две илјади заразени, бројката достигна 20.555, а бројката на починати се движи кон 800. Веќе неколку дена има повеќе од 15 проценти заразени од вкупниот број на тестирани. За погрешните политики и последиците од нив Филипче мора да понесе одговорност. Филипче да поднесе оставка!- се вели во партиското соопштение.