Коалициските партнери во владата на СДСМ и ДУИ да го отфрлат предлогот од Париз, во спротивно се соучесници на Ковачевски, се истакнува во денешната реакција од ВМРО-ДПМНЕ, во врска со францускиот предлог за спорот меѓу Македонија и Бугарија.
– ДОМ, ДП, Партијата на пензионери, ВМРО-НП и другите коалициски партнери во власта на СДСМ и ДУИ веднаш да излезат и да го отфрлат предлогот од Париз. Доколку тие излезат и го отфрлат предлогот и му свртат грб на (Димитар) Ковачевски, тој ќе нема друг избор освен и самиот да го отфрли, иако веќе го одобрил и прифатил, пред тој да биде пуштен официјално во јавност, се вели во соопштението.
Опозициската партија вели дека ако коалиционите партнери не станат соучесници Ковачевски ќе биде немоќен во разнебитувањето на Македонија.
– Доколку партиите од Коалицијата на Ковачевски и Ахмети им свртат грб сега, тие нема да можат да направат ништо во однос на предлогот, зошто нема да имаат ниту мнозинство од 61 пратеник. Помалите партии во Коалицијата да излезат од сенката на СДСМ и ДУИ, порачува ВМРО-ДПМНЕ.