Зоран Заев и Нина Ангеловска ја задолжуваат државата без основ. Вчера наместо првично предвидените 67 милиони евра, Министерството за финансии се задолжи за 82 милиони евра или 15 милиони повеќе.

Ова се истакнува во денешната реакцијата од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

– На што и како ќе се трошат тие дополнителни 15 милиони евра е нејасно, исто како што е нејасно каде завршуваат и другите пари од задолжувањето. Иако нивото на јавниот долг секојдневно се зголемува, државата нема мрднато од мртва точка. Нема инвестиции, нема проекти. Рапидното задолжување пред избори индицира само на изборна корупција која што власта веќе ја прави. Милионите кои сега ги земаат ќе треба да ги платат граѓаните по 5,10 или 20 години, а со нив не се прават работи кои имаат додадена вредност за државата, напротив се трошат бесцелно. Откако СДСМ е на власт јавниот долг изнесува 5.4 милијарди евра. Ова е спротивно на сите ветувања кои ги даваа дека нивото на јавен долг ќе го намалат. Јавниот долг не се намалува, туку се зголемува. Расипничкото трошење на парите на граѓаните море да запре. По 12 април ќе следи детална ревизија на сите позајмени и потрошени пари. Никој не смее да си игра со парите на граѓаните, се вели во реакцијата.

Опозициската партија реагираше и на денешната прес конференција на Зоран Заев и Нина Ангеловска

– Заев и Ангеловска повторно со квази проекти ги лажат граѓаните. Заев и Ангеловска мора да одговорат каде се потрошени околу 700 милиони евра, пари за кои е зголемен јавниот долг откако Заев е на власт. За околу 700 милиони евра е зголемен јавниот долг, а не гледаме ниту километар од ветените 600 километри НОВ автопат, 550 километри НОВИ магистрални патишта или 1100 километри НОВИ локални патишта. Транспарентност е кога Заев ќе каже каде се потрошени тие 700 милиони евра, а притоа ништо не е направено. Заев расипнички ги троши парите на граѓаните. Овие три години колку што Заев е на власт Македонија само стагнира и губи, се вели во реакцијата.