Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека претседателот на СДСМ, Венко Филипче, со ставовите за преговарачката рамка со Европската Унија и за бугарските барања се обидува да ја придобие Бугарија со цел да дојде на власт.
Во партиското соопштение се наведува дека Филипче постојано повторува дека не постои подобра преговарачка рамка, но, според ВМРО-ДПМНЕ, токму таа рамка ја држи Македонија во застој на европскиот пат.
Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека Филипче ги повторува ставовите на Румен Радев и на Петрова Чамова, претставувајќи го бугарското барање како европска позиција, а не како билатерален спор.
Во соопштението се осврнуваат и на критиките на Филипче дека му бил нарушен политичкиот углед, оценувајќи дека за тоа се одговорни самиот тој и СДСМ. Како примери партијата ги наведува состојбите во здравството и концептот на „марихуана-економија“.
Според ВМРО-ДПМНЕ, најавениот „мастер план“ на Филипче е да дојде на власт по секоја цена, да го прифати барањето на Бугарија за внесување на Бугарите во Уставот и да го доврши процесот што го започна поранешниот премиер Зоран Заев.
Од партијата оценуваат дека таквиот пристап би значел нова отстапка на штета на националните интереси.
ВМРО-ДПМНЕ го критикува Филипче и за неговиот став во врска со моштите на цар Самуил, обвинувајќи го дека молчи за ова прашање и одговорноста ја префрла на историчарите.




