Министерот Љупчо Николовски, како и целата влада сака да ја покрие својата неспособност со ароганција, а тоа вчера го покажа и докажа на настан кој имаше за цел да отвори дебата за унапредување на советодавните услуги во земјоделството и започнувањето на јавната расправа по новиот закон за советодавни услуги, реагира ВМР-ДПМНЕ.

Најголемата опозициска партија тврди дека министерот за земјоделие Николовски покажува запрепастувачко незнаење и нестручност.

– Жално е што министерот не знае дека Република Македонија има изграден советодавен систем повеќе од 50-тина години. Советодавниот систем на Република Македонија е составен од многу субјекти како научно-истражувачките институции, агро-бизнис компаниите, приватни консултантски организации итн. Николовски се става над процедурите и сака да го протурка законот без забелешките од стручната јавност, земјоделците и општата јавност.
Арогантното и понижувачко однесување на министерот кон земјоделците нема да ги реши проблемите на земјоделците, напротив тоа ги продлабочува, се вели во реакцијата.

Да биде иронијата поголема, се вели натаму во соопштението, тој во своето излагање ветил дека ако не успее да го спроведе својот план ќе си заминел.

– Министре ви порачуваме заминете си веднаш пред да бидат штетите предизвикани од вашето незнаење и неспособност неколку пати поголеми од штетите што ги предизвикуваат глобалните климатски промени. Со една реченица: Вие сте елементарна непогода за земјоделството, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.