Република Македонија нема иднина со аболицирани политичари, а власта на СДСМ е преполна со криминал. Така СДСМ Македонија нема да ја однесе во ЕУ и НАТО, одговори со соопштение ВМРО-ДПМНЕ, на секојдневните повици преку партиски соопштенија од СДСМ, опозициската партија и лидерот Христијан Мицковски да кажат дали се за ЕУ и НАТО.
– Зоран Заев донесе само штетен договор за Македонија каде без тронка срам ги распродаде националните и државните интереси. Република Македонија СДСМ ја остави без минато и историја. Власта на Заев ја осиромаши државата и се поигра со честа на граѓаните. Со Заев и СДСМ нема иднина за Република Македонија. Заев и СДСМ мора да си заминат, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно и денеска СДСМ упати сооопштение во кое вели дека „членството во ЕУ и НАТО нема алтернатива, СДСМ обезбедува иднина, а ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски да кажат за што се“.
– На референдумот на 30 септември Македонија има вистинска, историска шанса за напредок. Сите прогресивни сили, политички субјекти кои се на страната на иднината го поддржаа референдумот, сите се за НАТО и ЕУ. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ треба да излезат пред граѓаните и да соопштат, дали се за иднина или се за црното минато на криминал, се вели во соопштението од СДСМ.