ВМРО-ДПМНЕ им го честита големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица на сите православни верници, стои во честитката на владејачката партија која ви ја пренесуваме во целост.

„Успението на Пресвета Богородица е празник на верата, надежта, љубовта и семејството. Мајката Божја е вечен пример за скромност, трпеливост, пожртвуваност и човечност – вредности кои не потсетуваат дека силата на едно општество се темели на почитта, солидарноста и грижата за ближниот.

Семејството, традицијата, верата и солидарноста се темелите врз кои градиме силна, достоинствена и просперитетна Македонија. Токму овие вредности не обединуваат и ни даваат сила со заедништво и одговорност да чекориме кон подобра иднина.

Нека овој голем празник донесе мир во домовите, спокој во срцата, здравје и благосостојба, и нека нe обедини во заедништво, почит и љубов кон семејството и татковината.

Нека ни е честит и вековит празникот Успение на Пресвета Богородица“!