Зоран Заев и СДСМ добија едно големо „не“ од народот за нивните антидржавни политики, неспособност и расипништво. Народот им кажа „не“ на Заев и Тевдовски за растот на БДП од нула проценти и економијата која е во слободен пад. Народот му кажа „не“ на Зоран Заев за урнисаното здравство кое на министерот Венко Филипче единствено му користи кога треба да подели некој тендер.
Ова се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
– Не, доби и Царовска која заедно со Заев упорно го лажеше народот дека нема да има мигрантски кампови во Македонија. Големо не имаше и за Оливер Спасовски кој користеше сила кон народот кој требаше да го штити, народот кој сега живее во страв поради низата убиства и крвави напади кои Спасовски се уште ги нема разрешено. Народот го покажа и своето незадоволство од капитулантскиот договор со Грција кој го потпиша Никола Димитров, под покровителство на Зоран Заев и Радмила Шеќеринска. Договор со кој СДСМ и Заев се откажаа од се што е македонско, македонскиот јазик, идентитет, име, нашата историја, но и иднина. Народот го искажа својот револт и за состојбата во судството. За сите нарачани пресуди во политички монтираните случаи, за сите ослободени криминалци и за неправдата која царува во државата, се вели во соопштението на најголемата опозициска партија.
ВМРО-ДПМНЕ додава дека граѓаните покажаа дека не им е до славење.
– Не им е до славење поради прерано згаснатиот живот на Никола Саздовски. Поради фактот што цените на основните продукти потребни за живот растат, а нивните плати и пензии стагнираат. Не им е до славење ни на вработените во сите оние фирми кои заминаа во стечај изминативе година дена. Не, за прослава на поразите кои Заев и ги приреди на Македонија, и чемерот и јадот кои тој го донесе, се додава во соопштението.
Народот покажа дека му е доста од оваа ненародна власт која мора да замине, порашува ВМРО-ДПМНЕ.