Повлекувањето на советникот на министерот за финансии Драган Тевдовски не може и не смее да биде амнестија за Зоран Заев за економската катастрофа која и ја донесе на Македонија, се вели во денешната реакција на ВМРО-ДПМНЕ.
– Стратегијата за напуштање на бродот кој тоне не е, ниту смее да биде бегство од одговорноста за осиромашувањето на државата и граѓаните. Заев, Тевдовски и Анѓушев ја покачија акцизата, си го зголемија буџетот, го зголемија задолжувањето, а ги занемарија капиталните инвестиции и на Македонија и донесоа најмал економски раст во регионот и пошироко. За овој срам не може да биде виновен само советникот на Тевдовски. Економијата две години е во колапс. СДСМ потроши 7 милијарди евра буџет за две години, а ништо не е направено. Нема нови автопати, нема нови инвестиции, нема нови болници, школи и градинки, се вели во соопштението.
Нивото на реализација на капитални инвестиции, се додава натаму, за првите три месеци од годината е нешто над 6%.
– Доколку се продолжи со ова темпо до крајот на годината нивото на реализација ќе биде катастрофално ниско. Истата ситуација се случи и минатата година. Тоа се две години од животот на граѓаните кои поминаа без ниту една позначајна инвестиција. И додека нивото на реализација на капитални инвестиции е катастрофално ниско, висината на задолжувањето е енормно. Никој не знае каде се потрошени над половина милијарда евра пари на граѓаните, сума за која власта се задолжи кај странските и домашните кредитори. Власта се задолжува, а граѓаните се се посирмашни. Над 500.000 граѓани живеат на прагот на сиромаштија. Младинската невработеност е највисока во регионот и во Европа во целост. Се поголем е бројот на граѓани кои се решаваат трајно да ја напуштат државата и да се отселат во странство. Со СДСМ граѓаните губат надеж, а бизнисите немаат перспектива. СДСМ треба да си замине. Граѓаните заслужуваат подобро, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.