Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, на денешниот брифинг со новинарите објави дека неговата партија преку контакти во Западна Европа пронашле поевтини количини на мазут и природен гас, но бара Владата да реагира најдоцна за една недела.

– Од Западна Европа пронајдовме мазут за ТЕЦ Неготино кој ќе може да обезбеди од 160 до 180 мегавати моќност, но електричната енергија да му се отстапи на бизнисот. Мазутот ќе биде за 200 евра поевтин по тон и заштедите ќе бидат 40 милиони евра, сублимира Мицкоски.

Гасот кој би се обезбедил ќе биде од Гаспром, но ќе биде доведен од швајцарски, германски и чешки компании, кои според Мицкоски, се подготвени да помогнат.

– Можеме да договориме 250 милиони нормални метри кубен гас за централата ТЕ-ТО. Цената на гасот би била нешто повеќе од 200 евра. Инаку, во мометов за гасот што Владата го преговара со Србија треба да платиме повеќе од 700 евра, тврди Мицкоски.

Вкупните заштеди доколку се прифати понудата на Вмро ДПМНЕ, според пресметките на Мицкоски, би биле 300 милиони евра.