ВМРО-ДПМНЕ во неколку наврати алармираше и пријавуваше нерегуларности во врска со последните претседателски избори. Јавното обвинителство и другите надлежни институции не собраа храброст да се ослободат од притисоци и да постапат по наводите за злоупотреба во институциите, истакна Игор Николов, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
-Разговорот од состанокот во Прилеп, покажува дека СДСМ најбрутално политички ги злоупотребува дури и болниците, играјќи си со животот на пациентите и со персоналот. Скандалозно е да се помисли кои се тие политички задачи што треба да ги изврши медицински персонал во една болница. Дали тоа значи уцена за гласови упатени кон пациентите или уцени кон колеги кои треба да пружат здравствени услуги на пациентите?, запраша Николов и додаде:
„СДСМ ги злоупотребува институциите за вработување на партиски активисти, кои потоа наместо извршување на работата за која се платени, работат за партијата за време на избори, агитираат и собираат гласови. СДСМ ја злоупотребува државната администрација за партиски цели. Наместо во институциите, вработените од СДСМ во администрацијата работат за партијата“.
Од аудио снимката која е пуштена во интернет просторот, потенцира тој, се слушаат гласовите на Миле Талески, претседател на општинската организација на СДСМ во Прилеп и Горан Сугарески, министер за транспорт и врски на состанокот со нововработените во прилепската болница.
-Тие директно им кажуваат и им даваат задачи дека сите нововработените како надомест за добиеното работно место мора да истрчаат за партијата на изборите. Во конкретниот случај треба да истрчаат за Стево Пендаровски. На снимката се слуша на каков начин се принудувани да гласаат граѓаните за Стево Пендаровски, со притисоци од страна на администрацијата. Слушнете дел од снимката која е емитувана на Јутјуб, а на која се слуша гласот на претседателот на прилепскиот огранок на СДСМ, Миле Талески, вели членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и додава:
„На ваков начин работи и функционира СДСМ. Вработените во време на СДСМ, како надомест за нивното работно место, мора да работат за СДСМ и Стево Пендаровски. Талески директно, експлицитно им кажува на вработените дека во текот на изборите наместо на работата за која се платени во болниците ќе треба да се посветат на партијата. Ова е начинот на кој функционира СДСМ за време на претседателските избори, ова е начинот на кој функционира СДСМ за време на секои избори. Токму затоа и во извештаите на странските релевантни институции и организации се посочува на партизација и политизација на администрацијата. Со сите закани, притисоци и злоупотреба на администрацијата, комплетно се согласува и министерот Горан Сугарески, чиј што глас ќе го слушнеме во продолжение“.
Според Николов, потребна е итна и неотповиклива оставка од Сугарески, како и итна реакција на Јавното обвинителство.
-Бараме владата која одамна веќе нема кредибилитет итно да си даде оставка, да го распушти парламентот, да се распишат предвремени парламентарни избори и да имаа одговорност, како за овој така и за сите преостанати случаи на криминал, корупција и злоупотреби кои се направени во изминативе три години од СДСМ и Зоран Заев на чело.