Изминативе години локалната самоуправа во Македонија се соочува со вистински колапс. Од една страна сведоци сме на секојдневни партиски вработувања, расфрлање на парите на граѓаните за нелогични и сомнителни проекти, а од друга страна квалитетот на услугите на граѓаните кои ги нудат општините и комуналните претпријатија се се полоши и полоши, се вели во денешната реакција од ВМРО-ДПМНЕ.

Го пренесуваме целото соопштение од опозициската партија:

Паралелно со ова, додека секојдневно читаме за нови партиски вработувања и скандалозни тендери, извештаите на Министерството за финансии потврдуваат за катастрофалната финансиска состојба во која се наоѓаат општините. Така, според последниот извештај на министерството за финансии, согласно последниот квартал на 2020 година, општините во Македонија должат неверојатни 63,9 милиони евра, што е за 13 милиони евра повеќе од минатата година.

Така, според извештајот на министерството за финансии, како најголеми 10 должници, кои се со долгови над 1,5 милиони евра се Тетово (9,4 милиони евра), Охрид (6,7), Карпош (5,2), Струга (3,4), Делчево (3), Гостивар (3), Сарај (2), Кичево, (1,8) Студеничани (1,6) и Гевгелија (1,5), или заедно над 37 милиони евра.

Ова е и покрај „простувањето“ на долговите на општините, каде во 2018 година општините добија неповратни средства за да покрие 51% од пријавените обврски или околу 50 милини евра.

Ако ова не беше доволно, СДСМ и ДУИ повторно планираат да ја замаскираат нивната целосна неспособност на раководат со јавните претпријатија и општините, преку предлагање на нов Предлог-закон за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на јавните претпријатија. Подло и безобразно, во година на локални избори, СДСМ и ДУИ повторно ќе се обидат да ја замаскираат сопствената коруптивност и елементарна неспособност.

За жал, наместо да излезат од долгови и да започнат со вистинско работење и нудење на услуги за граѓаните, локалните самоуправи предводени од СДСМ и ДУИ продолжуваат да владеат како и досега, со криминални тендери, луксузирања на сметка на граѓаните, партиски вработувања во администрациите и јавните претпријатија и нови задолжувања.

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ