Со покачување на струјата Заеви се богатат, а граѓаните осиромашуваат. Грабежот мора да запре!- реагира денеска ВМРО-ДПМНЕ.
– Граѓаните се против покачувањето на цената на струјата. Тоа е огромен удар врз нивниот џеб и домашен буџет, во услови на пандемија, кога голем број ги загубија своите работни места. Тоа Заев не го интересира. СДСМ не реагира и продолжува со својата политика на грабање се што може да се грабне. На СДСМ не и е важно дали граѓаните имаат пари или не да ги плаќаат така покачените сметки за струја и дали така нема да се загрози нивната егзистенција, се додека се полни буџетот на фирмите од кои утре ќе треба да земаат тендери фирмите на Заеви. РЕК Битола и АД ЕЛЕМ три години се користат како средство за богатење на Заеви и фирми блиски до нив, кои испумпаа милиони преку јавни набавки, се вели во соопштението.
Натаму во истото се додава:
– Доколку СДСМ се поставеше домаќински, овие фирми немаше да ја почувствуваат загубата причинета поради пандемијата, но тоа ќе значеше помалку тендери за нивни блиски фирми, работа, од која очигледно не можеа да се откажат. Тоа ќе значеше и дека нема да можат да прават предизборен поткуп со над 1.000 вработувања. Сметката за богатењето на поединци од власта и предизборниот поткуп сега стигна, а неа ќе треба да ја платат граѓаните. Апелираме власта да се вразуми, да ги примени советите на ВМРО-ДПМНЕ и да се откаже од покачувањето на струјата, се вели во денешното соопштение од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.