Русковска од ден во ден докажува дека е пион на Заев, а со пуштањето на Зоран Милески – Кичеец од притвор покажува дека власта има премолчен договор околу решавање на аферата Рекет, со покривање на трагите кои водат до Зоран Заев, реагира денеска ВМРО-ДПМНЕ.
– Да не беше меѓународниот притисок во однос на случајот Рекет, ниту ќе се покренеше истрага, ниту рекетарите ќе беа во притвор. Русковска ја заташкуваше истрагата и кога не ја притвораше Јанева цел месец откако ги притвори Зоки Кичеец и Боки 13 и остави доволно време таа да влијае на доказите и сведоците. Сега повторно си игра со правдата и го пушта Зоки Кичеец од притвор после два месеци, а луѓе без никакво дело ги држеше во истражен затвор многу подолго, се вели во соопштението.
Самиот факт, се додава во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ, што криминалци за кои видовме видео снимки како изнесуваат торба полна со пари добиени од рекет се пуштаат во куќен притвор кажува дека власта сака да го заташка случајот.
– Русковска нема за цел да го расветли случајот Рекет и да дојде до вистинските нарачатели на милионскиот рекет, туку има за цел заштита на функционерите од власта и Зоран Заев лично кои се врвот на криминалниот октопод. Поигрувањето на Русковска со правдата е повеќе од доволен аргумент зошто е потребно ЈО, кое ќе биде финансиски и кадровски независно од власта. Со Русковска на чело на ЈО за гонење на организиран криминал и корупција и со Заев на чело на државата правда нема да има. Потребна е смена на СДСМ. Потребни се предвремени парламентарни избори час поскоро. Доаѓа време за обнова на Македонија, се вели во соопштението.