Педесет и два отсто (52%) или повеќе од половина од испитаниците кои споделиле за која партија ќе гласаат на наредните избори, го избираат ВМРО-ДПМНЕ. Тука, ако се споредат резултатите на определените гласачи со минатите истражувања, пред локалните избори, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ЗНАМ имаат раст, а благ пад има кај Левица и ДУИ. Падот на Вреди е поврзан со напуштањето на коалицијата на Алијанса за Албанците на Арбен Таравари.

Анкетирањето беше спроведено од 20 јуни до 4 јули 2025 година со употреба на CAТI метода – телефонско анкетирање со помош на компјутер на примерок од 1.200 испитаници. Примерокот е репрезентативен на ниво на Македонија според: регион, пол, возраст и етничка припадност според податоците за резидентното население од пописот 2021 година.

Добрите економски политики, безбедноста на граѓаните, квалитетното образование, грижата за земјоделците, влогот во енергетиката, дигитализацијата, се дел од чекорите кои ги презема Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а граѓаните тоа го препознаваат и даваат поддршка, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

„Во вчерашната анкета на МКД.мк, спроведена од 20 јуни до 4 јули, се гледа јасна поддршка на ВМРО-ДПМНЕ во однос на СДС, или во бројки разлика од 5 спрема 1.

Граѓаните даваат апсолутно поддршка на ВМРО-ДПМНЕ од 23,8%, додека пак за СДС само 5,1%. Дополнително, од сите оние кои се изјасниле дека ќе гласаат на наредните избори, бројката се искачува на 52,8%, додека пак за СДС би гласале 11,3%.

Во однос на тоа на кој политичар најмногу му веруваат, граѓаните односно 26,9% се изјасниле дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски е човек на кого треба најмногу да му се верува. Нашиот најголем опонент, односно претседателот на СДС, Филипче има рејтинг од само 4,7%, или скоро 7 спрема 1“, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Кај граѓаните се зголемила довербата дека државата оди во правилна насока, што ни дава поттик да работиме и градиме повеќе во нивен интерес.

Ние нема да се опуштиме на овие бројки, туку напротив оваа поддршка на граѓаните за нас е одговорност да работиме уште повеќе и да ги градиме темелите на промените“, соопшто ВМРО-ДПМНЕ.