Во кампањата за изборите во 2016 година, како и во владината програма се вели дека ќе се грижат на кој начин се користат парите на граѓаните, дека истите нема да ги трошат на непотребни работи. Сега власта одлучи да потроши околу 1,7 милиони евра пари на граѓаните за да си купи нови возила, од најлуксузната линија на  „фолксваген пасат“, соопшти денес ВМРО-ДПМНЕ.

Документите се објавени на страницата за јавни набавки, а од партијата додаваат дека фактите велат оти договорот е склучен меѓу Службата за општи и заеднички работи при Владата, купени се возила од Порше.

„Тендерот е распишан во мај годинава, а на него се пријавила само една компанија која е и избрана за набавката. Станува збор за 45 возила кои граѓаните ќе ги чинат околу 1,7 милиони евра или секое возило чини околу 40 илјади евра. Ова е сосема спротивно од она што го говореа, а и го напишаа во својата програма“, потенцира ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата потсетува дека во првото интервју како премиер Заев категорично рече дека ќе сопрат сите непродуктивните трошоци.

Во договорот потпишан од актуелната влада, неодамна, пак стои дека сите автомобили се луксузни, односно репрезентативни, што значи дека во нив ќе се возат ВИП личности.

„Се поставува прашањето зошто владата троши милиони за скапи коли, кога спорниот Mерцедес е единственото блиндирано возило кое го има Република Македонија, а ги исполнува највисоките безбедносни протоколи согласно светските стандарди“, јавно прашува ВМРО-ДПМНЕ.