Трет ден Оливер Спасовски молчи за деталите за случајот со убиеното 21 годишно момче Никола Саздовски – Саздо. Кој е третиот што учествувал во убиството и зошто досега не е приведен? Дали власта го крие или во моментов се бара канал за негово бегство од земјава? Дали заради тоа се уште нема распишано меѓународна потерница и не се објавува негова фотографија за јавноста да може да пријави доколку го види? Дали е во тек истото сценарио по кое што се режираше бегството на убиецот на младиот фудбалер Мартин Јанушев, кој беше убиен пред својот дом?

Овие прашања до министерот за внатрешни работи денеска ги упати ВМРО-ДПМНЕ.

– Дали во автомобилот со кој што дошле убијците имало и четврто лице? Кое е тоа лице и зошто нема пријава за помагање на истото? Кои се инспекторите кои што го квалификуваа убиството како насилство? По чија наредба оваа брутална ликвидација ја квалификуваа како поблаго дело, а не како убиство што впрочем е? Зошто нема постапки против нив? Што се крие Министерството за внатрешни работи во врска со случајот за убиениот Никола Саздовски – Саздо, се дел од прашањата кои партијата ги упати преку портпаролот Димче Арсовски.

Тој додаде дека Скопје е небезбеден град, а криминалците и убијците владеат со улиците.

– Нашите животи и животите на нашите најблиски се доведени во прашање заради коалицијата која што ја има СДСМ склучено со криминалот и со мафијата. Ситуацијата е јасна. СДСМ преку Оливер Спасовски сака да го сокрие убиството на малиот Никола Саздовски – Саздо. Јавноста очекува одговор и очекува одговорност од сите инволвирани во ова. Спасовски мора да си замине од Министерството за внатрешни работи. Спасовски мора веднаш да си поднесе оставка. Тој веќе нема никаков морален кредибилитет да го води МВР и да биде негов министер, рече Арсовски.

Тој додаде дека со секој ден поминат во министерската фотелја, безбедноста во државата е се повеќе нарушена.