Неспособноста на Заев оди до таму што не може да ги заврши проектите кои ВМРО-ДПМНЕ ги започна, а тешко му оди и пуштањето во употреба на готовите проекти кои им ги остави владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ па одолговлекува, реагира денеска ВМРО-ДПМНЕ.
– Заев откако стана премиер единствено се фали со проекти на ВМРО-ДПМНЕ. Капиталните инвестиции се на најниско ниво во историјата на Република Македонија. Заев заборави на ветените 600 километри автопат, 550 километри магистрални патишта и 1.100 километри локални патишта кои јасно ги ветуваше пред изборите од пред две години. Автопатот Демир Капија-Смоквица, е проект кој што беше реализиран во време на ВМРО-ДПМНЕ, а неговото пуштање во употреба се одложуваше повеќе од 10 месеци поради неспособноста на владата на СДСМ, се вели во соопштението.
Заев, се додава, ја запираше и изградбата на автопатиштата Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид.
– Неосновано се пролонгираше рокот на нивно завршување и пуштање во употреба. Но сите овие проекти со кои Зоран Заев и неговите министри се фалат се на ВМРО-ДПМНЕ. Овој факт не може да се оспори и граѓаните добро знаат кој ги изгради овие автопатишта, залудни се трубачите на Заев. Граѓаните имаат добра меморија и знаат кој што има изградено. Граѓаните видоа дека за две години власт на Заев, освен крадење ништо друго не стори. СДСМ и Зоран Заев докажаа дека не можат да реализираат апсолутно ништо. Граѓаните на Република Македонија ќе го казнат СДСМ за нивните лаги и злодела, се вели во соопштението.