Министерката Радмила Шекеринска и СДСМ ја имаат зацрнето македонската одбрана, а армијата служи за потсмев поради неодговорноста и аматеризмот на власта, реагира ВМРО-ДПМНЕ.
– Пратеникот Хари Локвенец пред да излегува на прес-конференции треба подетално да ја праша својата шефица за хаосот во кој ја втурна одбраната. Шекеринска од недостаток на резултати мора да се резили и да примопредава гуми. Војниците повеќе месеци во текот на годинава беа оставени без превоз од нивното место на живеење до касарните во кои работат, па беа принудени да се снаоѓаат сами, да се организираат и да го покриваат сето тоа од свој џеб, се вели во реакцијата.
Армијата и армиските ресурси, додава натаму ВМРО-ДПМНЕ, како што се армиските хеликоптери се користат за развезување по кафани и скапи ресторани.
– Министерството за одбрана наместо во приоритетни работи, пари вложува во купување на морски плодови, алкохол и апетисани. Со Шекеринска на чело одбраната тоне. Шекеринска и СДСМ како и во сите други сегменти на државата и општеството така и во одбраната имаат внесено само црнила, реагира опозициската партија.