Зоран Заев продолжува со распродажбата на државните и националните интереси со единствена цел остварување на своите лични аспирации за власт, пари и моќ. Аболицираниот Заев и неговата криминална банда по кој знае кој пат партиските ги ставаат пред државните и националните интереси.
Ова се истакнува во денешното соопштение од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
– Полека но сигурно Македонија станува непрепознатлива држава за граѓаните кои целиот свој живот го поминале во неа, но Заев не запира тука. Дали Република Македонија и натаму ќе се редефинира, дали ќе се исцртуваат нови граници? Зоран Заев е должен да им каже на граѓаните дали пред вториот круг од претседателските избори тој се сретнал со Али Ахмети и за што се разговарало на оваа тајна средба. Тој мора да запре со политиката на пазарење на сметка на државните и националните интереси со единствена цел зачувување на својата фотелја на Илинденска б.б. Функциите се минливи, а Република Македонија е се што имаме, Зоран Заев мора да го разбере ова. Премиерската фотелја не е поважна од интересите на македонските граѓани. Од интерес на граѓаните е да се спроведе европски попис, а не попис каков што Заев договорил на тркалезна маса, попис на матични броев. Пописот е статистичка, а не политичка операција, операција од суштинско значење за тековите во една држава, се вели во реакцијата.
Заев, се одава натаму, мора час поскоро да си замине од политиката, овој човек мора веднаш да поднесе оставка за да се стави крај на понижувањата и разочарувањата кои тој им ги сервира на македонските граѓани.
– Македонија мора да се врати на вистинскиот пат, на патот на реформи и економски просперитет. Стотици наши граѓаните си заминуваат секој месец, на ова мора да се стави крај, реагира ВМРО-ДПМНЕ.
За оставката на пратеникот Павле Богоевски се вели дека „за доброто на граѓаните и Република Македонија метлата треба да заигра што поскоро и тоа да почне од Зоран Заев“.
– СДСМ за морал и одговорност може да говори кога Зоран Заев ќе си замине од власта. Заев да престане да се крие позади оставката на Богоевски. Оставката на Богоевски не го покрива фактот дека тој и неговиот ментор се најголеми криминалци. „Едно евро за Вицето, едно евро за црквата” е симбол за корупцијата на Зоран Заев и оваа влада. Сите оние пари кои што ги има барано Зоран Заев по едно евро за неговиот брат е симбол како функционира Зоран Заев, како функционираше како градоначалник на Струмица и како функционира како претседател на Владата.Местото на Заев не е во политиката. Неговото место единствено е во некоја казнено поправна установа, каде што ќе одговара за своите криминали по враќањето на правната држава.Кога Зоран Заев и неговата криминална банда ќе си заминат од политичката сцена Македонија ќе заблеска, се вели во реакцијата.