ВМРО-ДПМНЕ со нов ИК, Мицкоски понудил вонреден конгрес, ЦК одбил

/ 21.09.2020

Александар Николоски, Владо Мисајловски, Иван Иванов, Сергеј Попов, Никола Мицевски, Гордана Димитриевска- Кочоска, Рашела Мизрахи, Стефан Андоновски, Марија Андоновска, Олга Лозановска, Дафина Стојановска, Вело Марковски, Трајко Славевски, Влатко Ѓорчев, Драган Ковачки, Коце Трајановски, Кирил Пецаков и Антонијо Милошоски.

Ова се членовите на новиот Извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ што вечерва ги избра партискиот Централен комитет, информираше предмалку партискиот лидер Христијан Мицкоски, кој посочи дека добил поддршка да ја води партијата откако бил отфрлен неговиот предлог за одржување на вонреден конгрес за избор на нов лидер.

Притоа, Мицкоски истакна дека досегашниот генерален секретар на партијата Игор Јанушев се повлекува од партиските функции поради лични причини, но како што истакна, ќе продолжи да придонесува и да помага во ВМРО-ДПМНЕ во борбата против СДСМ.

Со ваквата промена во партиското тело, ВМРО-ДПМНЕ сака да покаже капацитет за промени и сила во понатамошната битка против како што кажа Мицкоски, мафијата која е на власт.

На вечерашниот Централен комитет на ВМРО-ДПМНЕ, партискиот лидер Христијан Мицкоски им предложил на членовите свикување на вонреден конгрес, но ваквиот предлог бил одбиен.

Како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски пред членовите на ЦК се осврнал на целокупното раководење со партијата од сите аспекти и била отворена дискусија.

Притоа, тој предложил вонреден конгрес поради барањата на поранешни членови и функционери за промена на раководството поради лошите изборни резултати, но тоа барање било одбиено од највисокото тело меѓу два конгреси – ЦК, кој вечерва ќе избере нов Извршен комитет.


Од истата категорија