СДСМ и Зоран Заев ја уништуваат македонската економија. Инвестициите се на историско најниско ниво, а просечната стапка на раст во период од 2017 – 2018 е 1, 4 % што е двојно помалку ако се спореди со растот од 2006 до 2016 кога просечната стапка на раст била 3,2 %, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според најголемата опозициска партија, ништо од ветеното Заев и Анѓушев не остварија.
-Економијата тоне, граѓаните едвај преживуваат. Нема поголема плата, нема инвестиции, нема вработувања , нема економски просперитет. Инвестициите се катастрофални и нема ништо од ветувањата на Заев дека ќе има инвестицииски бум. Официјалните податоци на НБРМ покажуваат дека во првиот квартал од 2019 година вкупниот износ на СДИ пресметан според стандардната методологија е 29.68 мил. евра, што е најлош резултат остварен во изминатите 10 години, велат од партијата.
ВМРО ДПМНЕ потенцира дека над 500.0000 граѓани живеат под прагот на сиромаштијата додека другите едвај врзуваат крај со крај.
-Дека СДСМ постојано лаже зборува и фактот дека нема капитални инвестиции. Реализацијата на капиталните инвестиции заклучно со април изнесуваат 9, 38 или едвај 10 %. Кочо Анѓушев, Зоран Заев и Сугаревски треба да им се извинат на граѓаните за кажаните лаги, неисполнетите ветувања и мизеријата која ја предизвикуваат со нивното неработење, истакнува партијата.
Според ВМРО-ДПМНЕ, дека состојбата во економијата е алармантна покажуваат и официјалните податоци за раст на јавниот долг од над 50 % што ја надмина психолошката граница.
-Задолженоста постојано расте со што заклучно со месец мај Тевдовски ги задолжи граѓаните за огромни 388 милиони евра, потенцираат оттаму.
-Ова зло мора да си замине и да дојдат подобри денови за македонската економија. Со триото Заев, Анѓушев, Тевдовски црно им се пишува и на граѓаните и на македонската економија, заклучува партијата.