Средношколците и удрија шамар на Владата, реагираат од комисијата за образование и наука на ВМРО – ДПМНЕ.
Комбинираниот модул на настава кој ВМРО-ДПМНЕ го предложи како опција во нејзиниот план за отпочнување на учебната година, власта априори го одби без никакво образложение.
Денес средношколците го бараат токму тој модул за настава. Сосема беше логично, а и предвидливо дека ова ќе се случи и власта ќе знаеше дека не смее да ја отфрли комбинираната настава само ако имаше доблест да ги погледне анкетите што ги спроведоа некои медиуми и невладини организации, а не ги спроведе МОН.
Голем број ученици, па и студенти останаа без технички средства за следење на настава на далечина, државата не им помогна. Училиштата и наставниците се без технички средства за настава. Наставата на далечина не беше секаде еднакво квалитетно спроведена. Некои ученици имаа „телефонска настава“.
Сега кога Владата на СДСМ одлучи дека средношколците ќе учат само онлајн и во средините каде ризикот од инфекција со КОВИД-19 е низок, повторно остануваат истите проблеми. Некои директори им посочуваат на наставниците и професорите дека треба да работат со сопствен личен компјутер. Интернет врската од училиштата и покрај обидите за појачување во повеќето од нив е слаба. Бројни наставници останаа без обука. Нема електронски учебници. Всушност има недостаток и од печатени учебници.
Очигледно е дека средношколците се поспремни за образование од оние кои треба да го организираат.
Хаос владее во образованието и ако денот по утрото се познава хаос и натаму ќе владее.
Светла точка во темнината:
Учениците го сакаат учењето и знаењето! Овозможете им го!, се вели во Фејсбук објавата на Комисијата за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ.